Северна Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа


САД очекуваат Северна Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти, соопштија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик.

Пред претстојните претседателски и парламентарни избори во државата, медиумите во Грција пишуваат дека Атина одблизу ги следи политичките изјави поврзани со Преспанскиот договор и употребата на името Македонија во изборната кампања на некои кандидати.

– Исто како што САД остануваат посветени на Договорот од Преспа, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ, одговори портпарол на Стејт департментот, на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на Договорот од Преспа.

Претседателот на САД Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

– Оние кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејствие кое ја попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка, или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година“, стои во извршната наредба на Бајден.

Стејт департментот тогаш појасни дека извршната наредба не се однесува само на лица во државите на Западен Балкан кои го загрозуваат Договорот од Преспа, туку и во други држави.

Ова дојде како одговор на прашање на Гласот на Америка на македонски, дали администрацијата на Бајден планира да ги прошири санкциите и во Грција, која е потписник на Преспанскиот договор.

„Извршната наредба 14033 дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западниот Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање“.

САД нагласија дека охрабруваат силна дискусија и дебата меѓу граѓаните глобално и на Западен Балкан, и оти намерата на извршната наредба не е да се спречат приватни лица да изразуваат мислење.

– Извршната наредба се однесува на постапки кои ги потценуваат демократските процеси, на обиди за прекршување, опструкција или закана за имплементација на меѓународни мировни договори, учество во сериозна злоупотреба на човекови права, или корупција, меѓу други активности, соопшти тогаш Стејт департментот.

По извршната наредба на Бајден, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, во писмено соопштение, рече дека не учествувала во преговори и носење на Преспанскиот договор во Парламентот, како и дека тој е спротивен на македонските национални интереси.

Договорот од Преспа и неговата имплементација се спомнуваат во изборната кампања на опозицијата пред претседателските избори, кои ќе се одржат на 24 април, а вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Гласот на Америка наведува дека побарал коментар и од владата на Грција. Грчкиот парламент сѐ уште нема ратификувано меморандуми поврзани со Преспанскиот договор.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: