Собраниската седница за уставните амандмани е презакажана за 16 часот, извести претседателот на Собранието Талат Џафери, но не ја кажа причината за одложувањето.
Пратениците на денешната 75. седница ќе ги утврдуваат предлог – амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија. По тоа ќе следува нивно донесување, па прогласување. Пред почетокот на собраниската седница Александар Кирацоски, генерален секретар на СДСМ и пратеник на прес-конференција информираше дека е обезбедена поддршка од минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени.
Во меѓувреме, пред Собранието на Република Македонија точно на пладне здруженијата „Tврдокорни” и ,,Македонија блокира“ го започнаа најавениот протест против уставните измени. Улицата пред Собранието е целосно блокирана, а се забележува и зголемено присуство на полицијата. Протестот како што велат организаторите ќе трае до полноќ.
Од „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“ истакнуваат дека протестот е за одбрана на македонското име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ и против, како што наведуваат, „најголемото национално предавство“.