Самопрегледот на дојка има голема улога во рано откривање на промени и болести на дојките меѓутоа истражувањата покажуваат дека секоја четврта жена не прави самопреглед на дојките и на тој начин го загрозува своето здравје.
Во истражувањето кое е спроведено во Велика Британија учествуваа речиси 2.000 жени постари од 18 години, а резултатите покажаа дека секоја четврта жена никогаш не направила самопреглед на дојките. Покрај тоа, 39% од испитаните жени изјавиле дека нема да побараат помош од доктор доколку пронајдат нешто невообичаено.
Според резултатите на ова истражување, секоја трета жена смета дека одењето на доктор е само губење на време, а дел од испитаните жени ја одложуваат посетата на доктор, бидејќи им е непријатно. Овие одговори ги давале жени на возраст од 18 до 34 години.
“Раната дијагноза на рак на дојка е многу важна, бидејќи може да спречи сложена операција и медицински третмани”, нагласила Џоана Френкс од одделот за онкопластична хирургија на клиниката HCA во Велика Британија.
Џулија Рос, шефицата на одделот за онкологија на клиниката BUPA во Велика Британија, нагласила дека жените би требало да знаат што е, а што не е нормално за нивните дојки, така што лесно можат да препознаат било какви промени.
“Промена во изглед, големина и обликот на дојката, промените на брадавиците, грутка на градите или под пазувите се причините да побарате медицински помош”, вели д-р Рос.