Во облик на предлог закони, како што и најави вчера, грчката опозициска партија СИРИЗА, во Парламентот ги достави меморандумите со Северна Македонија, донесени по втор пат, откако еднаш веќе беа доставени од актуелната Влада пред нешто помалку од четири години, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на пратеничката група на СИРИЗА Сократис Фамелос истакна дека ратификацијата е императив од национален интерес и токму затоа ја покренаа конкретната иницијатива, а трите меморандуми како предлог закони на опозицијата се со потполно иста содржина како оние поднесени во септември 2020 година од тогашните министри.
Станува збор за меморандуми што се однесуваат на европската перспектива на земјава, на економската соработка меѓу двете земји и воздушниот надзор.
-Владите на Мицотакис веќе пет години систематски негираат промоција и продлабочување на Договорот од Преспа. Договор кој им служи на националниот интерес, но и на мирот, соработката и стабилноста во особено чувствителниот регион на Балканот. Наместо да го промовира Договорот, господинот Мицотакис се залага за одржување на рамнотежата во внатрешноста на владејачката партија и комуникациско искористување на националните прашања. Но, доцнењето на ратификувањето на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија претставува опасно назадување, нанесувајќи им штета на интересите на земјата и тоа во време кога меѓународното опкружување станува неизвесно, вели Фамелос.
Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје се трите потпишани меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа, а сега веќе по втор пат се доставени во грчкиот Парламент.
Станува збор за три меѓународни договори, два од Министерството за надворешни работи на Грција, кои беа потпишани за време на првата меѓувладина седница одржана во април 2019 година во Скопје и еден од Министерството за одбрана, потпишан пет месеци подоцна, а во грчкиот Парламент се донесени како предлог закони.
Предлог законите имаат два члена, во првиот се Меморандумите во целина, а вториот се однесува на стапувањето во сила, односно по неговото објавување во Службен весник на Грција, откако претходно ќе биде ратификуван од Парламентот.
Согласно процедурите што се следат во грчкиот Парламент, следниот чекор е да бидат разгледани на надлежната комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а откако членовите на комисијата ќе дадат зелено светло, ратификацијата ќе биде на седница на Парламентот.
Портпаролката на СИРИЗА Вула Кехаја на вчерашниот брифинг со новинарите најави дека меморандумите ќе ги донесат во облик на предлог закони.
– Со големо изненадување и незадоволство ја слушаме Владата и нејзините претставници да најавуваат дека ќе гласаат против или нема да гласаат или дека не се согласуваат со таква иницијатива. Зошто се крие Нова демократија и не се обидува барем сега владината партија да го спаси угледот Договорот од Преспа, кој во минатото го карактеризираше како предавнички, а сега смета дека треба да го одбрани, но без притоа да го заштити законски, објасни Кехаја на прашањето на МИА за начинот на кој СИРИЗА би ги донел меморандумите.
Ставот на грчката Влада е дека добро што досега не беа ратификувани меморандумите, а министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис во интервјуто за ЕРТ вчера посочи дека последните случувања ја оправдуваат нивната политика и додаде дека ратификацијата зависи од целосното усогласување со договореното.