Сиљановска Давкова: Националната и колективната безбедност се неопходност без која не се може

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во придружба на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска ги посети припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили, кои изведуваат обука во Центарот за обука на вода во Охрид, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Во рамки на посетата, претседателката Сиљановска Давкова беше брифирана за капацитетите на Баталјонот на специјални сили, како и за обученоста и способностите на припадниците на единицата презентирани преку показни вежби за изведување на операции на вода и приказ на боречки вештини. Припадниците од Баталјонот на специјални сили, преку методско-показна вежба прикажаа постапки кои се дел од специјални операции во ситуација на заложничка криза на пловен објект, а во вежбата беше вклучен и хеликоптер МИ-8/17 од воздухопловниот ВИНГ на Армијата. Припадниците на единицата „Волци“ изведоа кратка показна вежба, на која презентираа дел од боречките вештини. Претседателката упати честитки за успешно реализираните вежби, посочувајќи дека високиот степен на обученост за извршување на сложени задачи, што денеска гo демонстрираа припадниците на Баталјонот на специјални сили, како и оспособеноста во боречките вештини, ја потврдува професионалноста, посветеноста и исполнителноста на нашата Армија, којашто достојно и дисциплинирано ги исполнува задачите согласно НАТО-стандардите. Таа посочи дека ова е уште еден доказ зошто Армијата има заслужено високи оценки и ужива најголема доверба кај граѓаните, се вели во соопштението.

Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова порача дека во Армијата, како столб на националната и колективната безбедност, е неопходно да продолжиме да вложуваме во натамошна модернизација и во едукација на армиските припадници, додаваат од претседателскиот кабинет.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.