Скандал во Естонија: Сопругот на премиерката Каја Калас работи со Русија и покрај санкциите на ЕУ

Естонскиот претседател Алар Карис побара објаснување од премиерот Каја Калас откако локалните медиуми објавија дека нејзиниот сопруг има бизнис со Русија и покрај санкциите на ЕУ воведени поради војната во Украина.

Скандал во Естонија: Сопругот на премиерката Каја Калас работи со Русија и покрај санкциите на ЕУ

ТВ ЕРР објави дека транспортната компанија Старк Логистикс, во косопственост на сопругот на Калас, Арво Халик, продолжила да транспортира стока во и надвор од Русија по избувнувањето на борбите меѓу Москва и Киев во февруари 2022 година. Извршниот директор на компанијата Кристијан Краг изјави за медиумите дека Старк Логистик го префрли најголемиот дел од своите операции во Полска и Скандинавија за време на конфликтот, но призна дека мал број пратки во Русија сè уште се вршат.

Во интервју за ЕРР, претседателот Карис изјави дека естонското „општество денеска чека објаснувања од премиерот“.

На прашањето дали откритието дека сопругот на Калас заработува пари во Русија влијае на меѓународната доверба во Естонија, претседателот одговори дека тоа ќе биде „ако овие наводи се точни“.

„Гледаме дека се појавуваат се повеќе случаи кога санкциите што ги договоривме во Европа не функционираат“, рече Карис.

Како одговор, Калас одржа прес-конференција во Талин за да одговори на обвинувањата упатени против неа и нејзиниот сопруг.

Премиерката на Естонија, која е меѓу најверните поддржувачи на Киев во ЕУ, рече дека таа „секогаш се обидувала да ги одвои работниот и личниот живот. Но, за жал, овој пат се покажа невозможно да се направи тоа“.

„Точно е дека сум мажена за Арво Халик, но немам поим за неговиот бизнис“, тврди таа.

Премиерката инсистираше на тоа дека знаела само дека нејзиниот сопруг поседува малцински удел во логистичка компанија. Но, откако изби актуелниот скандал, тој и објасни дека „неговата активност во Русија била прекината во март 2022 година“.

„Според мојот сопруг, тие имаат внатрешна процедура во нивната компанија, според која не може да се наплати ниту во Русија, за да не се остават пари таму“, рече таа. Премиерката инсистираше на тоа дека не треба да се прашува за одлуките што ги носат приватните компании бидејќи таа „не била поврзана“ со нив.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.