Скопје е ценовен рај за дигиталните номади во Европа

Бројот на т.н. дигитални номади постојано расте, а со тоа се засилува и трката помеѓу градовите и државите за привлекување на овие професионалци кои поминуваат помеѓу три и дванаесет месеци во различни места на планетата, и со нивните приходи придонесуваат во локалната економија.

На различните рангирања кои ги креираат консултантски и аналитички куќи, цените во еден град се меѓу најважните фактори, покрај пристапот до т.н. дигитална виза. На најновата топ 10 листа Скопје е прогласен за најевтина дестинација во Европа за дигиталните номади.

Предноста на македонската метропола се ниските трошоци за превоз, кирија, режиски трошоци и храна. Скопје исто така често се наоѓа на различни рангирања гледани од аспект на достапноста до ресурси за професионалците кои работат од далечина.

Поврзаноста со повеќе европски дестинации и оперирањето на евтините авиокомпании исто така е наведено како предност кое го издвојува Скопје на оваа топ листа.

Источна Европа се повеќе привлечна

На топ 10 листата за најевтини градови во кои може да работат дигиталните номади се најдоа места претежно од Источна Европа. Од балканскиот регион на второто место се најде Сараево, БиХ, потоа на четврто место е бугарската престолнина Софија, додека Белград е рангиран на петтото место.

Балканот, и воопшто Источна Европа бележи голем раст на ИКТ секторот, што се должи на комбинација на фактори, меѓу кои подемот на аутсорсинг сегментот, квалитетниот кадар, успешниот развој на автохтони софтверски решенија и подобрување на даночната регулатива и работните односи.

На пример развојот на локалниот стартап еко-систем е исто така важен за дигиталните номади, особено за вмрежување, достапност на коворкинг простори за работа, како и соработка со ИТ кадар, графички дизајнери, дигитални маркетари и слични профили кои се високо вреднувани.

ТРТ БАЛКАН

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.