Скопје и Атина до 15 февруари да завршат со Преспанскиот договор, стои во писмото на Столтенберг

Според грчки “Катимерини“ во писмото напишано од Столтенберг е наведено дека НАТО очекува до 15 февруари македонскиот и грчкиот Парламент да ги завршат процедурите околу Договорот за името од Преспа,  порачувајќи дека Алијансата сака најбрз можен процес.
-Постои писмо од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кое се повикува на завршување на сите процедури во двете престолнини до 15-ти февруари 2019 година“ – стои во текстот на „Катемирини“.
Последната фаза на ратификацијата на Преспанскиот договор во Македонија почнува следната среда за кога е закажана собраниската седница со четири точки на дневен ред и тоа: утврдување на прелог-уставните амандмани, нивно донесување, прогласување на амандманите и усвојување на прелог-уставен закон за нивно спроведување.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ, како што веќе најави, нема да учествува во последната фаза од уставните измени. Токму заради тоа дел од аналитичарите очекуваат дека уставните измени ќе бидат усвоени без опструкции и одолговлекувања, а двотретинското мнозинство веќе е обезбедено.
Процедурата се забрзува и во Атина. Димитрис Ѕанакопулос, портпарол на грчката Влада  во интервју за “Њуз247“ го потврди ставот дека во Парламентот постои мнозинство за ратификација на Договорот и тоа со повеќе од 151 глас, колку што е и потребно.
Имајќи предвид дека на СИРИЗА и недостасуваат шест гласа за потребното мнозинство Ѕанакопулос се надева на гласовите од партијата РЕКА на Теодоракис.
Веднаш по ратификацијата на договорот ќе биде изгласан Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Со тоа се демантираат шпекулациите дека тоа би се случило по изборите во Грција.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.