Според густината на ПМ10 честичките, Скопје е на врвот на листата на светски метрополи. Во, Европа, главниот град е на шампионската позиција по загаденост на воздухот. Слична е сликата и во други градови низ земјата. Алармот е кренат а властите и граѓанските организации отворено дебатираат за поголема вклученост на граѓаните во пријавување на загадувачите. Од Зелениот институт сметаат дека треба да се дуплира и бројот на инспектори, за да се спречи загадувањето на воздухот.
Инспекторите од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека покрај најголемите загадувачи, општинските инспектори треба да се активираат на терен, за да ги фатат малите иницијатори на загадувањето. Од општината Аеродром велат дека се обидуваат со единствениот инспектор за животна средина, да го спречат користеното масло да се продава кај домаќинствата, за да се користи за греење. Портпаролката на општината рече дека се покренати 93 прекршочни постапки за правни лица.
Во меѓувреме, локалните власти се обидуваат да ги минимизираат последиците на загадувачите со различни методи. Од Општина Куманово соопштија дека греењето со мазут во Градската болница, во текот на викендот ја рангираше на првото место во светот, за загадување, со 1.800 мг/м3 ПМ10 честички. од Општината соопштија дека ангажирале приватна компанија, за мерење на квалитетот на воздухот и наоѓање итно решение, додека централните власти не донесат долгорочни решенија за загадувањето на воздухот.
Премиерот Зоран Заев смета дека преземените мерки не можат да го отстранат загадувањето за една сезона, но дека ќе дадат придонес во намалувањето. Тој рече дека се инвестира во замена на начинот на греење во јавните институции, но според него, 57% од загадувањето доаѓа од греењето на домаќинствата а 28% од возила и тешката индустрија.