Скопје Прајд ќе се одржи на 26 јуни под слоганот „Вон ѕидовите!“

Втората Парада на гордоста во Скопје ќе се одржи на 26 јуни 2021 (сабота), во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ). Рутата на Прајдот, како и други организациски детали, ќе бидат дополнително споделени со јавноста во текот на идната недела.

Оваа година Парадата на гордоста повторно се враќа на улиците, во физичкиот јавен простор. После првата, успешно и беспрекорно спроведена парада во 2019 година, пандемијата нѐ принуди сите минатогодишни настани за одбележување на Месецот на гордоста да ги одржиме онлајн. Неизвесноста во која нѐ втурна пандемијата е сѐ уште присутна, но среќни сме што состојбата се стабилизира и што оваа година имаме шанса повторно гордо да зачекориме по скопските улици.

Слоганот на овогодишната скопска парада на гордоста е „Вон ѕидовите!“. ЛГБТИ+ заедницата, како ретко која друга група граѓани, добро ја познава изолацијата и често искусува живот скриен меѓу ѕидовите на нашите мали, приватни простори. Имајќи предвид дека парадите на гордоста имаат за цел да ја зголемат видливоста на нашата заедница, слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваме на сите ЛГБТИ+ луѓе кои гордо и достоинствено ќе се приклучат на поворката, но и на сите оние кои од различни причини не можат да бидат отворени и да бидат дел од парадата, давајќи им поддршка и ветување дека здружно ќе продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас. Конечно, слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваме и на сите луѓе во нашата земја, бидејќи изолацијата и затвореноста меѓу ѕидови е нешто што заедно го искусивме и чие надминување стана заедничка цел и желба.

Парадата на гордоста е славење на слободата, различноста, прифаќањето, љубовта. Во овие тешки и комплицирани времиња, потребно е, повеќе од кога било, да ги реафирмираме стремежите кон посолидарно, похумано и поправедно општество. Воедно, парадата испраќа порака дека место под сонцето има за секого; таа е и протест и прослава, и болка и радост, и врисок и мелодија. Да останеме свои и да ги поддржиме оние кои тоа засега не го можат.

Се гледаме на Прајд!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.