Словачка протера двајца наводни шпиони-диверзанти, планирале напад врз гасовод

Словачка протера двајца осомничени за кои властите велат дека планирале напади врз енергетската инфраструктура на земјата. Цел на нивниот наводен план бил и главниот гасовод преку кој доаѓа гас од Украина, изјави денеска словачкиот министер за внатрешни работи, Матус Сутај Есток.

Во видео објавено на Фејсбук, министерот изјави дека осомничените мажи биле депортирани во Украина и Унгарија, пренесе „Ројтерс“.

„Припадниците на безбедносните и разузнавачките сили на Словачка успеаја да размонтираат ќелија која претставуваше потенцијален ризик за нашата безбедност“, рече Сутај Есток.

Тој додаде дека безбедносните операции биле фокусирани на активностите на двајцата странски државјани и на еден Словак, кои се осомничени дека планирале можни напади врз енергетската инфраструктура, но не прецизираше какви конкретни напади се планирани.

Министерот вели дека осомничените користеле дрон за да ја надгледуваат трансформаторската станица во градот Велка Капушани, на истокот од земјата долж границата со Украина, како и компресорската станица за гасоводот што доаѓа таму од Украина и транспортира руски гас.

Сутај Есок рече и дека била откриена и друга опрема: телефони, термални камери, балистички елеци и други предмети, а било откриено дека еден од осомничените возел автомобил на железничка станица во моментот на товарење на опрема за словачката армија.

Пронајдете не на следниве мрежи: