Со две пресуди на Вишиот управен суд оспорени преку 3.000 акти за вработување во јавниот сектор, донесени без врзан потпис



Вишиот управен суд донесе две пресуди со кои се оспорени преку 3.000 акти за вработување и унапредување, како и за издадени согласности за вработување по сите основи во јавниот сектор зашто се донесени без врзан потпис на министерот за финансии и дополнителниот заменик-министер во периодот од формирањето на техничката влада до денот на распишување на изборите, информира дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова на денешната прес-конференција.

Се работи за 36 вработувања на определено време, две вработувања на неопределено време и три унапредувања во Министерството за финансии, како и за издадени согласности за целиот јавен сектор за вработувања на 1.200 лица на неопределено време, 448 на определено време, за 1.227 договори за дело и за 99 унапредувања.

Сега, како што кажа, Државната изборна комисија (ДИК) ќе треба да одлучува во повторна постапка и да го разгледа секој предмет за вработување поединечно и да донесе одлука. Тоа, додаде, значи дека Министерството за финансии треба да ги достави сите конкретни предмети до ДИК. Во меѓувреме, донесените акти немаат правно дејство без врзан потпис, бидејќи нема одлука од ДИК по барањето на Министерството за финанси дали треба да одат со врзан потпис.

-Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности  за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии, рече Петрова.

Со едната пресуда, прецизира, ја поништи одлуката на ДИК според која актите за вработување и унапредување во Министерството за финансии не требало да се потпишуваат со врзани потписи на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер. Со другата пресуда за поништување на одлука на ДИК, додаде, се докажа дека по формирање на техничката влада министерот за финансии незаконски ги потпиша сите согласности за вработување во јавниот сектор по сите основи – на неопределено време, на определено време, привремени вработувања, договори на дело, авторски договори и преземање на вработени од еден во друг орган или тело.

-Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер не произведуваат правно дејство. Истото се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и започнатите постапки врз основа на тие согласности, рече Петрова и додаде дека врзаниот потпис е предвиден како гаранција дека дискрециските овластувања на министерот нема да се применуваат заради постигнување на политички цели и да се спречи манипулирање со избирачката волја на граѓаните.

Оспорените акти за вработување донесени во предизборниот период без врзан потпис, како што кажа, фрлаат сомнеж дека може да влијаат од аспект на собирање на политички поени и врз волјата на тие лица за кои се однесуваат.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: