Училиштата низ цела Европа ги отвораат вратите за учениците овој месец, речиси по шест месеци од почетокот на пандемијата.
Многу наставници и родители се плашат дека повторното отворање на училиштата ќе го забрза ширењето на Ковид-19, но владите инсистираат дека училиштата треба да се отворат.
10 милиони ученици вчера се вратија во училиштата во Франција, Полска и во Русија, со ранци на грбот, учебници, прибори за пишување и, секако, маски за лице за заштита од коронавирусот.
Станици за дезинфекција на рацете, физичко дистанцирање и временско ограничување на игрите ќе стане новото нормално откако земјите низ Европа бараат начини да ги вратат децата во училница безбедно, а нивните економии повторно да функционираат.
Во Франција, Шпанија и на други места некои родители и унии на наставници ја изразија грижата поради повторното отворање на училиштата бидејќи ширењето на вирусот повторно се забрзува.
Земјите низ светот имаат различен пристап за ограничување на заразата во училиштата.
Британија
Англија ги отвори основните училишта на 1 јуни, почнувајќи од неколку одделенија. Средношколците на возраст од 15 до 18 години се вратија на 15 јуни. Учениците од сите одделенија се враќаат со целодневна настава оваа недела. Училиштата во Шкотска повторно се отворија на 11 август.
Неодамнешното истражување направено во англиски училишта покажа дека 96 отсто од училиштата ја делат наставата во помали групи или „меурчиња“, а секоја група одржува физичка дистанца од другите групи за да се минимизира ризикот од зараза. Мнозинство училишта планираат да ги сменат термините за пауза и времето на почнување.
Правилата за маски за лице и друга заштитна опрема се разликуваат: средношколците во Англија треба да носат маски во затворени простории доколку во нивните области има воведено карантин. Во Шкотска се задолжителни маските кога децата се движат околу училиштето.
Франција
Училиштата повторно се отворија на 1 септември.
Учениците над 11 години мора да носат маски постојано, вклучително и кога се во затворени простории. Училиштата мора да го ограничат мешањето на класовите и да ги проветруваат и да ги дезинфицираат училниците.
Физичкото присуство во училиште е задолжително, иако училиштата можат да се приспособат на бројот на заразени со, на пример, ограничување на присуството за неколку дена или недели. Во случај на голема регионална епидемија, училиштата може привремено да се затворат.
Во градинка децата во иста група не треба да практикуваат физичко дистанцирање. Основните училишта можат да ги поделат класовите на 8 до 15 ученици, кои можат да изберат дали ќе бидат половина ден на училиште или ќе учат од дома. Во средните училишта сите ученици одат на училиште неколку дена во неделата.
Германија
Децата се вратија во училиште со целодневна настава уште од почетокот на август. Во повеќето држави децата и наставниците треба да носат маски во затворени простории, освен кога се во нивните клупи. Северна Рајна Вестфалија го отфрли правилото според кое постарите ученици мора да носат маски, по критиките од родителите и лекарите.
За време на паузите различните одделенија мора да се наоѓаат во различни делови од училиштето. Вратите и прозорците се постојано отворени. Онлајн-часови има само во одредени околности.
Грција
Училиштата веројатно ќе се отворат на 14 септември.
Од наставниците и учениците ќе се бара да носат маски на час и во други затворени простории, при што на секој ќе му биде дадена маска. Одделенијата во училиштата ќе бидат ограничени на 17 ученици.
Градинките почнаа со работа на 1 септември, но маската е задолжителна само за вработените, додека пак за децата е доброволна.
Италија
Училиштата во повеќето региони ќе ги отворат вратите на 14 септември. Мерките за минимизирање на заразата се во завршна фаза.
За да се помогне физичкото дистанцирање, времето за влез ќе биде развлечено и нови, единечни клупи ќе има во секоја училница. Носењето маски ќе биде задолжително за оние што пристигнуваат и го напуштаат училиштето, но може да ги тргнат во текот
на часовите доколку има безбедно растојание помеѓу масите.
Шведска
Училиштата воопшто не се затворија во Шведска, ниту ги променија своите правила. Ова создаде можност да се соберат податоци за тоа како Ковид-19 може да се шири во училиштата под такви околности, но таквите податоци никогаш не биле собрани.
Андрес Тегнел, главниот шведски вирусолог, тврди дека одлуката да останат училиштата отворени не влијаела многу врз стапката на инфекции.
План Б?
Француската влада рече дека кризата не смее да го запре животот на граѓаните, додека британскиот премиер Борис Џонсон рече дека е клучно училиштата во Англија повторно да се отворат оваа недела.
Но, синдикатите се жалат на хаосот предизвикан од промените во последен момент и ја истакнаа важноста на „Планот Б“ доколку се случи втор бран.
– Не е потребна кристална топка за да видите дека локалните ограничувања ќе бидат потребни во текот на есента и зимата – вели Пол Ватјмен, генерален секретар на синдикатот на унијата на наставниците.
Во екот на пандемијата во април 1,5 милијарда ученици биле погодени од затворањето на училиштата. Затворањето на училиштата го зголеми јазот во нееднаквоста, велат експертите.
Ризикот од пренесување коронавирус во училиштата зависи од тоа што се случува во локалната заедница, како и од безбедносните мерки, според епидемиолозите.
Глобалните податоци за ширењето на пандемијата на коронавирусот покажуваат дека децата и младите сочинуваат само 1-2 отсто од случаите на Ковид-19 низ светот. Повеќето пријавени инфекции кај деца се лесни или асимптоматски, со малку евидентирани смртни случаи.
– Училиштата работат во заедници, тие не работат во изолација. Значи, најголемата работа што ја бараме е како изгледа пренесувањето во заедницата каде што работат тие училишта – вели Марија ван Керхове, епидемиолог на Светската здравствена организација .
Во Германија, каде што училиштата повторно се отворија на почетокот од август, процентот на заболени од коронавирус меѓу младите под 20 години останува стабилен. Во Шведска, одржувањето на училиштата отворени во пандемијата не доведе до повисоки стапки на инфекции кај учениците во споредба со соседна Финска, каде што училиштата беа привремено затворени.
– Ние сакаме децата да се вратат на училиште и луѓето да се вратат на работните места, но сакаме да видиме дека тоа се прави безбедно. Во исто време, ниту една земја не може само да се преправа дека пандемијата е завршена – рече генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебреизус