-Се поизвесни стануваат последиците од отворањето на Пандорината кутија, опасност на која укажував во неколку поста. Сметав (и сметам) дека со тој процес, отворање на Уставот, многу несакани нешта ќе излезат, како што и многу нешта ќе се вгнездат и ќе ја обезличат Република Македонија, пишува универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски на својот Фејсбук профил.
– После собраниската седница од 19-ти октомври, јасно станува дека власта си обезбеди двотретинско мнозинство. Начинот на кој тоа е постигнато може да се анализира, критикува, осудува или одобрува, меѓутоа фактот е следниот – на наредните собраниски седници не ќе мора да се трага/тргува по двотретинско мнозинство, бидејќи тоа е веќе обезбедено/вгнездено во Собранието. Уште повеќе ќе се вгнездува после процесот на партиското исфрлање/излегување од матичната опозициска партија.
– Значи, се случува двоен процес – излегување од претходната партија и влегување/вгнездување во парламентарното мнозинство. Дали влегувањето/вгнездувањето ќе биде проследено и со формално приклучување кон мнозинството или само со формирање на посебна пратеничка група е ирелевантно. Започнува процес на отварање на Уставот. Од него некои нешта ќе излезат (ќе бидат исфрлени/избришани), додека некои други нешта ќе се вгнездат/внесат, како што се промена на името, или барањата содржани во Договорот со Грција и Бугарија, во Тиранската платформа и слично, додава тој.