Собраниската седница на која ќе треба да се расправа дали да му се одземе пратеничкиот имунитет на пратеникот Трајко Вељаноски се уште не е закажана за денес. Извештајот од комисијата за мандатно-имунитетни прашања синоќа е испратен до претседателот на Собранието, Талат Џафери кој според деловникот треба да ја закаже седницата за денес, велат пратениците од владејачкото мнозинство.
„Тоа значи дека се исполнети сите услови за претседателот на Собранието да закаже пленарна седница во предвидениот рок(недела). Немањето став на Комисијата, во никој случај не значи дека Собранието не треба да расправа по барањето од Судот“, напиша на својот профил претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски.
По два дена жестока расправа, со четири гласа „за“ и четири „против“ пратениците ја завршија расправата за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот претседател на Собранието Вељаноски.
Во членот 54 од Деловникот е наведено дека врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.