Советот на Општина Кочани на денешната редовна седница донесе едногласна одлука отпадот од Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево и другите општини во регионот веќе да не се носи на градската депонија кај селото Бели.
Одлуката ќе важи веднаш, а граѓаните кои го блокираат пристапот до депонијата ќе одржат координативен состанок на кој ќе ја разгледаат новонастанатата ситуација и ќе решат дали ќе го прекинат протестот.
Одлуката беше усвоена по дополнувањето на дневниот ред што го предложи претседателот на Советот, Лазо Митев, образложувајќи го со барањето на граѓаните кои веќе трета недела протестираат и го блокираат пристапот до депонијата за комуналните возила од соседните општини.
-Советот на Општина Кочани бара веднаш да престане депонирањето на комуналниот отпад од соседните општини Виница, Зрновци, Чешиново- Облешево и од другите соседни општини сѐ до отпочнување со работа на регионалната депонија кај Свети Николе и до моментот на избор на постојан оператор за одржување и затворање на градската депонија во Кочани. Одлуката ќе биде доставена до комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, до соседните општини и до Владата, а таа стапува на сила со денот на донесувањето, истакна Митев.
Жителите на Кочани веќе трета недела водат борба против честото загадување од локалната депонија. Тие 16 дена деноноќно се на протест кој го нарекоа „Депонијада“. Граѓаните организираа блокада на патот кон депонијата и категорично не дозволуваат камиони со отпад да пристапат до локацијата, револтирани од перманентното загадување кое настанува поради постојаните пожари и токсичниот чад кој буквално ги гуши им ги „штипе“ очите и им го нарушува здравјето.