Нов главен и одговорен уредник на Танјуг е Јована Јоксимовиќ, јавија белградските медиуми.
Јоксимовиќ рече дека новинската агенција Танјуг повеќе не е јавно претпријатие и дека сите нејзини услуги се регистрирани во компанијата „Тачно“ д.о.о. чиј директор е Мања Грчиќ.
Според договорот со Републичката дирекција за имот, трговската марка Танјуг и е дадена на компанијата Тачно на десет години. Правото на сопственост врз недвижен имот и подвижен имот, правото на употреба на работи во јавна сопственост и други права на сопственост и припаѓаат на Републичката дирекција на имот.
Мања Грчиќ изјави дека почнува модернизацијата на Танјуг и дека има големи финансиски инвестиции, како и отворање телевизијата Танјуг.
На 9 март јавната компанија Новинска агенција Танјуг беше избришана од Регистарот на деловни субјекти што го води Агенцијата за деловни регистри.
Основачи на таа компанија се РТВ Панчево со 60 проценти од капиталот со основачки влог од 600 динари и „Минакорд медиа“ со 40 проценти од капиталот со 400 динари. Законски застапници на „Минакорд медиум“ се Жељко Јоксимовиќ, сопруг на Јована, и Мања Грчиќ.