СОСТОЈБАТА ВО КИНА СЕ ПОДРАМАТИЧНА: Полицијата ги пресретнува луѓето и им ги бара телефоните, во тек се масовни апсења

Кинеската полиција интервенираше во Пекинг и Шангај за да спречи нови протести против ограничувањата на Ковид, кои го нарушија животот на милиони луѓе и негативно влијаеја на економијата, според Ројтерс.

Најмалку едно лице во градот Хангжу е уапсено доцна синоќа, според видеата на социјалните мрежи, по информациите дека полицијата привела автобус полн со демонстранти за време на протестите во неделата вечерта во Шангај, јавува британска агенција.

Би-би-си јавува дека во неколку градови било забележано големо полициско присуство, а некои собири биле задушени или не се одржале.

Најголемиот бран протести во Кина откако Си Џинпинг ја презеде власта пред една деценија, со повици за негова оставка, доаѓа во време кога дневниот број на нови случаи на Ковид-19 достигнува рекордно ниво, а се воведуваат нови строги карантински мерки во големи делови од одредени градови.пренесува Ројтерс.

Во Хангжу, главниот град на источната провинција Жеџијанг , видеа на социјалните мрежи кои Ројтерс не можеше независно да ги потврди, покажаа стотици полицајци како ги спречуваат луѓето да се соберат на главниот плоштад во градот во понеделникот вечерта.

Во понеделникот, планираните протести во Пекинг не се одржаа откако полицајците го опколија местото на собирот. Во Шангај долж главната протестна рута беа поставени големи бариери, а полицијата неколку пати апсеше луѓе, јавува Би-Би-Си.

Во Шангај и Пекинг е забележливо дека полицијата утринава патролира во одредени делови од градот, каде некои групи на социјалната мрежа Телеграм предложија нови протестни собири, јавува Ројтерс.

Некои сведоци изјавија за британската агенција дека полицијата побарала од луѓето што минуваат низ областите да им ги покажат своите мобилни телефони за да проверат дали имаат виртуелни приватни мрежи (ВПН) и апликацијата Телеграм , која ја користеа демонстрантите во текот на викендот.

Протестите, пријавени од западните агенции врз основа на видеа и коментари на социјалните мрежи, започнаа во неколку градови по пожарот во зграда во Урумчи, северозападна Кина, во кој загинаа 10 луѓе и беше поврзан со заклучување на домовите како дел од државата политика на нулта толеранција за Ковид.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.