Спектакли и ремија во Лондон и Мадрид


Во првите натпревари од четвртфиналето на Лигата на шампионите во Лондон, Арсенал и Баерн одиграа 2:2, додека во Мадрид Реал и Манчестер Сити одиграа 3:3

Актуелниот европски шампион Манчестер Сити и најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид трета година по ред се сретнаа во фазата на елиминации во Лигата на шампионите, но овојпат во неверојатна партија, која заврши 3:3. За Реал погодија Рубен Диас (12, автогол), Родриго (16) и Федерико Валверде (79), а за Сити Бернардо Силва (2), Фил Фоден (66) и Јошко Гвардиол (71).

Сити поведе во 2. минута благодарение на одличната финта на Португалецот Силва. Англичаните добија слободен удар од 20 метри и додека сите очекуваа нафрлување, Силва шутираше покрај живиот ѕид, приземно во поблискиот агол и го изненади невнимателниот голман Лунин.

Меѓутоа, на Реал му беше потребно многу малку време да одговори со два гола. Во 12. минута Едуардо Камавинга шутираше надвор од шеснаесетникот, а топката го погоди Рубен Диас и го остави голманот Ортега во расчекор. Само две минути подоцна Бразилецот Родриго погоди за 2:1 од соло продор започнат од центарот на игралиштеот, а и при овој гол топката удри во еден од играчите на Сити на патот кон мрежата.

Поофанзивната игра на Сити во вториот дел даде резултат во 66. минута, кога Фоден со одличен удар ја погоди гредата, а во 71. минута и Гвардиол се приклучи кон стрелците, со моќен и прецизен удар од 20 метри во спротивниот агол. Но водството на англискиот тим повторно не траеше долго, бидејќи Валверде постигна ново израмнување во 79. минута со удар од околу 20 метри.

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти е тренерот со најмногу титули во Лигата на шампионите (четири) и победи (114), а во вторникот стигна до својот 200-ти натпревар во Лигата на шампионите.

На „Емирати“ лидерот во англискиот шампионат Арсенал и германски Баерн одиграа 2:2. Бујако Сака (12) и Леандро Тросард (76) погодија за Арсенал, а Серж Гнабри (18) и Хари Кејн (32 пенал) погодија за Баерн.

Во Лондон, Арсенал поведе во 12. минута со голот на Букајо Сака, кој со прецизен удар од десетина метри биеше во самиот агол од голот на Нојер. Во 18. минута Баварците израмнија со голот на Гнабри, кој искористи неколку големи грешки на одбраната на Арсенал, а целосен пресврт се случи во 32. минута кога солопродорот на Сане го запре Салиб но со прекршок, а Хари Кејн го доведе Баерн во водство со реализација на најстрогата казна. Арсенал израмни во 76. минута со голот на Белгиецот Тросард, кој ја искористи повратната топка што му ја упати Габриел Жесус. Во последната минута напаѓачот на Баерн Коман ја погоди стативата.

Пронајдете не на следниве мрежи: