На Одделот за педијатрија во Здравствениот дом Прокупље вчера се примени 12 средношколци со стомачни проблеми, јавија српските медиуми повикувајќи се на извори од здрвствената установа.
Станува збор за ученици од трета година од Гимназијата Прокупље, кои се вратиле од тридневна екскурзија во Охрид.
-Од таа бројка, осум деца се отпуштени на домашно лекување по терапија, две деца се хоспитализирани, а две се во дневна болница – велат во Здравствениот дом Прокупље, од каде додаваат дека се уште не ја знаат причината за овие болести, но дека се работи за стомачни проблеми.
Директорот на Гимназијата во Прокупље, Срѓан Ковачевиќ, потврди дека осум деца на пат се пожалиле на непријатност, а училиштето веднаш било известено.
– Со нив имаше лекар кој им даваше терапија додека не пристигнаа во Прокупље. Засега не знаеме која е причината, но ја следиме ситуацијата. Ги известив сите одделенски раководители да внимаваат и да информираат дали има повеќе случаи – рече Ковачевиќ.
Екскурзијата беше организирана преку туристичка агенција од Ниш, по тендер на кој оваа агенција беше избрана за најповолен понудувач. На таа екскурзија имало вкупно 102 ученици.
Родителите тврдат дека е поголем бројот на деца кои имаат проблеми, но симптомите се поблаги. Во еден од двата автобуси има неколку деца со тегоби.
Сопственикот на туристичката агенција Бранислав Петковиќ вели дека бил информиран дека одреден број студенти имаат проблеми, а неколкумина од нив се задржани на лекување.
– Според планот, децата имаа оброци исклучиво во хотел кој ги има сите потребни дозволи и работи согласно законот. Според моите сознанија, во моментов се чекаат тестови на крвта на децата кои имаат симптоми, за да се види дали се работи за труење или вирус – изјави Петковиќ за српски Курир.
Тој додава дека екскурзијата била организирана согласно сите закони и прописи.
– Се зависи од резултатите што ќе пристигнат. Сега е најважно сите деца да се добро – додаде тој.