Столтенберг: Членството е важно за земјата, но и за регионот и за целата Алијанса

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој, заедно со Северноатлантскиот совет, престојува во Скопје денес свечено беше пречекан на платото пред Владата каде кратко се задржа. Од таму замина на состанок на Северноатлантскиот совет со Комитетот за интеграција на земјава во Алијансата. По заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе биде примен од претседателот на државава, Стево Пендаровски.
Пред почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет Столтенберг порача дека членството во НАТО е важно за земјата, но и за регионот и за целата Алијанса. Тој порача дека уште сега се гледаат бенефитите од интегрирањето на една земја во НАТО, со оглед на тоа што странските инвестиции во земјава се зголемиле по добивањето на поканата.
„-Наскоро 30. членка на НАТО, Република Северна Македонија денеска тука е домаќин на 29-те сојузници, порача денес на почетокот на состанокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој претседава со Советот.
Во своето кусо обраќање на почетокот на состанокот на главното тело на НАТО задолжено за политички одлуки, Столтенберг повтори дека Скопје и Атина покажале историска одлучност и успеале да го решат неколкудеценискиот спор, постигнувајќи го Договорот од Преспа.
-Тоа покажува дека промената е можна и дека храброста се исплати. Благодарение на големите напори на одредени личности, а некои од нив денеска се тука, вие градите подобра иднина за вашата земја, придонесувајќи за регионалната и трансатлантската безбедност и обезбедувајќи натамошен просперитет, рече генералниот секретар на НАТО.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.