Од Основното јавно обвинителство информираат дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото на тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница, во која вчера попладне едно лице го загуби животот, а три се повредени. Меѓу повредените се и двајца полициски службеници.
Несреќата се случила кога сообраќајна полициска патрола запрела возило марка “БМВ“ со гостиварски регистарски таблички кое возело со брзина поголема од дозволената. Додека полициските службеници разговарале со возачот на автомобилот, на нив налетал камион со скопски регистарски таблички. Од силата на ударот “БМВ“-то се запалило и целосно изгорело. На лице место животот го загубил совозачот во “БМВ“-то.
По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција врз починатото лице, додека од возачот на камионот ќе бидат земени примероци од крв и урина заради испитување на присуство на алкохол или други супстанции кои би можеле да влијаат на неговата способност за управување со превозно средство. Врз камионот ќе се врши вонреден технички преглед со цел да се утврдат причините за несреќата.