Стружаните болни од ковид-19 умираат многу почесто од останатите во земјата, нема одговор зошто

Изразено во проценти, леталитетот во Струга е 12% или на секои 100 заболени од ковид-19 умираат 12 пациенти. За разлика од Струга, на подрачјето на Скопје умираат многу пониски 4 од 100 заболени со ковид-19
Од 26 февруари кога официјално беше потврден првиот случај на ковид-19 во Македонија досега починаа 351 лице. Битката со болеста последни ја загубија пациент од Куманово, две лица од Скопје и двајца жители на Тетово.
Според последните податоците на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, најголем број од починатите се жители од Скопје – 139 лица.
Но, тоа што во Скопје има најмногу смртни случаи не значи и дека вирусот бил најопасен во главниот град.
Леталитетот од ковид-19 во Македонија во рамките на светскиот просек
Леталитет е термин што го употребуваат здравствените работници кога објаснуваат колку лица кои заболеле од одредена болест на крајот умираат од неа. Кога е во прашање ковид-19 во Македонија, леталитетот изнесува 4,8%. Или, дека од 100 лица кои ќе се заразат од новиот коронавирус 5 нема нема да ја преживеат болеста.


Со тие бројки Македонија е блиску до светскиот просек.
Морталитетот во Македонија споредено со САД, Германија и светскиот просек
Мапата подолу, која е изработена од „Our world in data” а зад која стои тим научници од различни области кои ги спојуваат студии во Оксфорд, е интерактивна. На неа може да се „исклучат“ или „вклучат“ и други земји за да се спореди како стои Македонија споредена со нив.
Но, доколку леталитетот во земјава се пресмета поединечно по подрачја како што се покриени од Центрите за јавно здравје, се добива сосема поинаква слика.  Во Струга умираат 12 на секои 100 заболени од ковид-19
Ако се земат во предвид последните податоци од Центрите за јавно здравје на чие подрачје има барем 100 регистрирани случаи на ковид-19, црн рекордер по број на починати пациенти споредено со вкупниот број на заболени е Струга.
Таму, од вкупно 274 регистрирани пациенти со ковид-19 битката со вирусот ја изгубиле 33 лица. Изразено во проценти, леталитетот е 12% или на секои 100 заболени умираат 12.
За разлика од Струга, на подрачјето на Скопје леталитетот е многу понизок и изнесува 4%, бидејќи 139-те починати на подрачјето на Центарот за јавно здравје – Скопје се од вкупно 3 487 регистрирани случаи. Тоа значи дека во Скопје умираат 4 од 100 заболени со ковид-19, што е многу пониско од Струга.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.