Студена војна – филм за неподносливата тешкотија на љубовта

Пишува: Стојан Синадинов

СТУДЕНА ВОЈНА

(Zimna wojna / Cold War)

Игран филм, Полска / Велика Британија / Франција

2018, 90 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Павел Павликовски (Pawel Pawlikowski)

Сценарио: Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Pawel Pawlikowski, Janusz Glowacki)

Улоги: Јоана Кулиг, Томаш Кот, Борис Шиц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc)

Овие стихови не се од најновиот филм на „Студена војна“ (Zimna wojna/Cold war) на Павел Павликовски (Paweł Pawlikowski), полски режисер со престој на лондонска адреса во последниве децении. Иако во филмот има доста музика, од етно до џез, и се говори на полски, француски, германски, хрватски, италијански и на руски јазик, токму овие стихови од песната  „Везилка“ на стариот добар Конески некако се најблиску до описот на судбинската љубов во време на Студената војна. Па, тогаш, да ги додадеме: има и зошто, ќе видите подолу во текстот.

Интересен е професионалниот животопис на Павликовски. Широко образован, со дипломи од филозофија и литература, и магистратура на Оксфорд на тема од германската книжевност, Павликовски започнал како автор на документарни филмови. Неговиот документарен корпус ги опфаќа филмовите „Од Москва до Петушки: Патување со Венедикт Ерофеев“ (инспириран од писателот на новелата „Москва-Петушки“), потоа  „Српски епови“, снимен во српскиот дел на Босна и Херцеговина (во кој „актер“ е и поранешниот лидер на босанските Срби, денес хашки затвореник Радован Караџиќ) и филм за контроверзниот руски десничарски политичар Владимир Жириновски (кој нешто исчезна од хоризонтот на светски политички кловнови)… 

Јоана Кулиг

Претходните редови, на прв поглед излишни, сепак ја (до)објаснуваат поетиката во последните филмови на Павликовски, во кои се застапени теми од поблиската историја, а последните два наслова, „Ида“ и „Студена војна“, се црно-бели. Додека сторијата во „Ида“ (патем, тоа е негов прв полски филм, награден со Оскар за најдобар странски филм во 2015 г.) е на еврејската тема, во „Студена војна“ („Златна палма“ за режија во Кан годинава), чие сценарио го потпишуваат Павликовски и Јануш Гловацки, сентиментот е преплетен со суптилни нишки на документ. Затоа неодамна на прашањето зошто и „Студена војна“ е црно-бел (одлична камера на Лукаш Жал, наградена со „Бронзена камера 300“ на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола годинава), Павликовски одговори лаконски – во Полска во педесеттите години од минатиот век светот бил црно-бел, а најчесто сив.

Томаш Кот

Сторијата на филмот зборува за страсната љубовна приказна помеѓу младата и амбициозна пејачка и танчерка Зула (во извонредна креација на темпераментната Јоана Кулиг) и музичарот и диригент Виктор (Томаш Кот, улога остварена со минималистички изразни средства). Зула од поправен дом се јавува на аудиција на новоформираното културно уметничко-друштво што ги негува традициите на полскиот фолклор веднаш по војната (нешто како наш „Танец“, само со средноевропска префинетост). Зула и Виктор имаат различно социјално потекло, но љубовните искри меѓу нив ништо не може да ги сопре. Тие преоѓаат во „оган што ги топли“ во ерата на Студената војна: Виктор сака да побегнат на Запад (Париз), но Зула веќе има некаква кариера на фолклорна ѕвезда, па не му се придружува веднаш. Откако ќе го стори тоа, но на легален начин, Зула сфаќа дека слободата каква што ја замислувал Виктор „не пее како што тие пееле за неа“: Виктор е само обичен пијанист во еден париски бар, а Зула пејачка што снима плоча, но ја нема славата како во Полска, па решава го напушти парискиот „сплин“ и да се врати дома. Виктор, откако ќе ја користи секоја можност да ја види Зула на гостувањата на полскиот фолклорен ансамбл (оди дури во Сплит, во тогашна Југославија), се враќа во Полска, но право во затвор, бидејќи бил емигрант. Зула веќе е туѓа сопруга, но дали нивната љубов може да остане вечна? Вреди да видите…

„Студена војна“ ја користи фабулата во манир на рондо, кое ги носи актерите низ спиралата во која постојано се судираат со судбината и со политиката. Павликовски прави фина алегорија на некогаш популарната „емигрантска култура“ на уметниците и интелектуалците од Источна Европа и Советскиот Сојуз,  кои пребегнуваа на Запад. Затоа во неговиот филм е присутна атмосферата на романот „Неподнослива леснотија на постоењето“ на Милан Кундера (издадена во 1984 г.), подоцна екранизиран во холивудски стил во режија на Филип Кауфман (1988 г.), со Дениел Деј-Луис, Жилиет Бинош и Лена Олин во главните улоги.

Но, Павликовски во „Студена војна“ прави сосема друга визуелна структура. Црно-белата рамка, со формат на сликата во размер од речиси 1:1 (блиску до квадрат, што не е вообичаено кај денешните филмови), и продолжување на специфичниот начин на кадрирање, започнат во „Ида“ – во кое актерите како да сакаат да „побегнат“ од екранот, оставајќи празнини на него – се постојано во функција на доловување на „играна документарност“. Необично, но мајсторски изведено.

За крај, повторно Конески: „И најмил спомен што в душа ми блеска/се гаси од нив ко цвеќе без боја. Но ти што ловиш звук на чудна песна, ти си ја кажа судбината своја“.

Токму како во филмот…

Пронајдете не на следниве мрежи: