Според неа, сѐ зависи што ќе биде наведено во самата одлука и што ќе биде понатаму обврска на државата или како тоа ќе се реперкуира на целокупната политичка ситуација во државата.
„Јас се согласувам дека ова е многу важна одлука и дека многу работат зависат со тоа во насока на што значи законитост“, вели Цаца Николовска за „Локално“.
Таа е децидна дека Европски суд за човекови права не носи негативни или позитивни пресуди.
„Стразбур носи пресуда во која што се утврдува дека има повреда или нема повреда. Доколку утврди дека има повреда, тогаш треба да се види во што е таа повреда, дали е процедурална или е суштинска повреда во мерит. Ако е процедурална, тогаш странките имаат можност да бараат повторување на постапката, но повторно зависи што е процедурална повреда. Ако е повредата во мерит, треба да се види што е самата повреда и во зависност од тоа треба да се испитува дали треба да дојде до промена на законодавство или носење на нови закони“, порачува судијката.
На прашањето дали еднаш дадено помилување може да биде отповикано, таа посочува дека е многу нејасно, имајќи ја во предвид македонската состојба, односно состојбата во предметот.
„Прашањето е дали постоела можност да се донесе помилување, имајќи ги во предвид законските одредби во Македонија. Тоа е нешто кое што прво треба да се утврди и после тоа да се дискутира или да се дава некое соодветно мислење“, оценува Цаца Николовска.
Според неа, постои можност да застарат некои кривични дела додека тече времето на жалба во Стразбур, со оглед на состојбата во националното правораздавање од една страна и од друга страна, извршувањето на казната во одреден момент не е врзано за одлуката во Стразбур.
„Тоа се посебни две постапки кои што ако се дојде до некоја ситуација за повторување на постапката, ќе се повторува. Институтот застареност не може да се елиминира. Во нашето законодавство има различни пристапи на застареност на делото и се зависи што ќе биде застареност – дали е за извршување на казна или е застареност на извршувањето на кривичното дело. Многу зависи од повеќе околности“, истакнува Цаца Николовска.
Во предметот засегнати се поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ како Никола Груевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски и други.
Во објавата на Судот се наведува дека „подносители на жалбата се седуммина Македонци/граѓани на Република Северна Македонија и еден Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија кој исто така е и албански државјанин“.
Според објаснувањето на Судот, сите апликанти беа осудени за наводни криминални дејства што се однесуваат на/и произлегуваат од содржината на незаконското прислушување. Тие добија аболиција од претседателот која што подоцна беше поништена. По поништувањето на аболицијата тие беа осудени.
Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести.
Европскиот суд треба да даде одговор дали предметите на поранешно Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе преживеат и дека кривичното гонење било оправдано или ќе запрат и ќе се поништат повеќето предмети. Доколку обвинетите и осудените лица бидат прогласени за жртви, државата можеби ќе треба да им плати и обесштетување.
Пронајдете не на следниве мрежи: