Сузбиена организирана криминална група за криумчарење мигранти

Денеска (02.06.2021) од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, при Сектор за криминалистички истраги, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Скопје и СВР Струмица, под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за Гонење на организиран криминал и корупција беше спроведена координирана полициска операција за сузбивање на организирана криминална група за криумчарење мигранти.
Криминалната група, со строга хиерархиска поставеност, била предводена од Р.Џ.(33) од Велес. Тој заедно со две лица со потекло од Блискиот Исток организирале криминална група во Република Северна Македонија, која за време на своето делување, организирале криумчарење на мигранти, по потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот Исток. Мигрантите биле илегално префрлани на територијата на Р.С.Македонија од Р.Грција, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија, Струмица и Демир Капија, од каде потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, координирано се доведувале на претходно утврдени и договорени локации. Од овие локации организаторот на организираната криминална група договарал нивно превземање од страна на членовите на криминалната група, при што со патнички и товарни моторни возила ги превезувале до претходно договорените локации во Кумановско-липковскиот регион, a од таму преку територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ. Парите за пренесување на мигрантите биле исплаќани, преку агенти за брз трансфер на пари, но и во готово, а цената на транспорт по лице изнесувала од 500 до 700 евра.
Во текот на денешниот ден извршени се претреси во објекти на 11 локации на подрачје на Велес, Скопје, Штип, Струмица и Валандово, а лишени од слобода се шест лица, додека четири лица-членови на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор, за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти“. Од засега извршените претреси пронајдени и одземени се: пари, мобилни телефони, СИМ картички, половина килограм марихуана, како и други предмети од интерес на истрагата.
Приведени се Р.Џ. (33) од Велес, С.М. (27) од Штип, Џ.Ш. (30) од Штип, Џ.Р. (26) од Валандово, Г.П. (48) од Велес и З.Џ. (56) од Велес. Од претходно мерка затвор во КПУ издржуваат С.М. (39) од Велес О.Д. (47) од Велес, М.Р. (29) од Струмица и М.Ј. (29) од Штип, а се преземаат мерки за приведување на уште три лица. Во текот на денешниот ден до надлежното обвинителство ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.