Сурови и искрени цитати од Игор Џамбазов

Игор Џамбазов е еден од ретките луѓе кои собрале храброст да се соочат со себе и да си ги признаат грешките во сопствениот живот, а тоа го сподели со својата публика преку двете неконвенционални книжевни дела „Гол човек“ и „Прирачник за антиантиалкохоличари“. Еве ги најинтересните цитати и поуки од овие дела:

“Не е доволно само да си признаеш. Не е доволна искреноста само кон себе. Поважна е искреноста кон другите“.

“Моето оружје, пријателе, е меморијата. Сè уште. Сè уште ми работи бојлерчето. Имав и други ефикасни оружја кои сега ми се застарени од неактивност. Глумата, блузот, стиховите, вицовите. Оружје ми се пријателите. Оние малкумина што ми останаа. Со нив, во овој момент се чувствувам како да сум дел од непобедлива војска. Како дел од некој специјален одред“.

“Не можат тие толку да ме изнервираат, колку што јас можам да истрпам. Забораваат една важна работа. За разлика од сите други, јас немам што да загубам. Удавено магаре од мечка не се плаши“.

“Еднаш се живее, но два пати се умира“.

“Добрите луѓе завршуваат лошо во животот, а лошите завршуваат уште подобро“.

“Ама пријателе мој, и ти сигурно знаеш дека мајката не го карала синот кога игра комар, туку кога сака да се извади“.

“И кога сите бродови ќе ти потонат, најди едно поле. Поле широко. Па, затвори очи, исклучи уши, растерај мисли и… диши длабоко. И обиди се да научиш нешто од сопствените грешки. Да научиш нешто од себе. Она што веќе си го искусил“.

“Вистинскиот пријател нема да дозволи да се брукаш за две-три заостанати сметки, да се криеш од шефицата на дисконтот, или да се нервираш што не можеш да почестиш ни едно кафе во пицеријата каде што со години го убивате слободното време и го менувате светот. Пријателот не позајмува. Пријателот дава. Ти земаш, затоа што немаш. А кога ќе имаш, ќе вратиш. Без датуми, без противуслуги и што е најважно без камати. Пријателот не сака камати. А оној што сака, не ти е пријател“.

„Колку и да се обидувам да го растерам од моите мисли сето она што како грев сум ѝ го „подарил“, сфаќам дека тоа едноставно е невозможно. На неа мислам постојано. На неа мислам и кога мислам дека не мислам“.

„Пријателе мој, никогаш немој да ги лажеш оние што те сакаат. Правиш погрешна работа. Викни некогаш, налути се понекогаш и ветувај засекогаш. Само немој да лажеш. Оти на лагата и се кратки нозете, а знаат да акнат и по некојa клоца. Една од десетте божји заповеди би требало да гласи: „Не лажи. Бакнувај.“

„Моето оружје пријателе, е меморијата. Сè уште. Сè уште ми работи бојлерчето. Имав и други ефикасни оружја кои сега ми се застарени од неактивност. Глумата, блузот, стиховите, вицовите. Оружје ми се пријателите. Оние малкумина што ми останаа. Со нив, во овој момент се чувствувам како да сум дел од непобедлива војска. Како дел од некој специјален одред“.

„Пијаните мајмуни се смешни до солзи. Пијаните луѓе се тажни до солзи. Сите заедно седиме во алкохолниот кафез на животот и им правиме циркузи на оние кои нè гледаат. Мајмуните што излегуваат од нас кога сме заробени под алкохолот се смешни и тажни истовремено. Знаат и да гризат понекогаш. И да удираат и да викаат. Пцуењето се подразбира. Знаат и да плукаат. И физички и умствено.“

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.