СЈО ЗА ПРЕДМЕТОТ „ТИТАНИК“: Отворена е истражна постапка за поранешни министри, судии, нотари

Кривичните дела против изборите и гласањето и легитимитетот добиен со такви избори е она што според ова обвинителство од кривично-правен аспект претставува почеток на криминализација на целокупниот институционален систем, истакнаа на денешната прес-конференција од Специјалното јавно обвинителство кое сомничи поранешни министри, судии, нотари, членови на ДИК и други лица за кривични дела против изборите.

„Иако според нас се работи за втор по важност предмет, после прислушкувањето каде е нападнат целокупниот уставен и правен поредок и особено најважните човекови права, сепак кривичните дела против изборите и гласањето и легитимитетот добиен со такви избори е она што според ова обвинителство од кривично-правен аспект претставува почеток на криминализација на целокупниот институционален систем, рече на прес конференцијата обвинителката Фатиме Фетаи.

„Во овој предмет после огромен број на предистражни дејствија, врз основа на огромен број на индиции и се разбира докази, произлезе основано сомнение дека одредена група на луѓе, на кои нема да ги откријам идентитетите, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето или во превод преку целокупното криминализирање на изборниот процес, освојување на власт“, додаде таа.

Фетаи рече дека отворена е истражна постапка против повеќе лица за кривични дела Злосторничко здружување од чл.394 од КЗ, Повреда на избирачкото право од чл.159 од КЗ, Повреда на слободата на определување на избирачите од чл.160 од КЗ, Поткуп при избори и гласање од чл.162 од КЗ, Уништување на изборен материјал од чл.164 од КЗ и Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ.

„Имено, во 2012 година, осомничените кои имале својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Р.Македонија, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна. На истата група по создавањето припадници станале другите осомничени лица, сведоци и други засега непознати лица, на начин што дел од осомничените и други засега за истрагата, непознати лица, заради победи на изборите на политичката партија, сочиниле план, да на противзаконит начин им овозможат на повеќе лица да користат избирачко право, кои дејствија според планот би се реализирале преку  службените лица, вработени во Министерството за внатрешни работи на РМ и лица кои директно ќе врбуваат и носат лица од странство со реализација преку одделот за информатика и телекомуникации на МВР, потоа преку насилство и други противправни дејствија во текот на изборната кампања и самите изборни денови да влијаат на начинот како да се врши избирачкото право и да спречуваат вршење на избирачко право, во изборниот процес на лица со избирачко право да нудат, дават и ветуваат подарок или друга корист со намера да ги придобијат како да го вршат избирачкото право и да користат незаконски средства за финансирање на кампањата, кој план го прифатиле останатите осомничени, сведоците и други засега непознати лица, при што во рамките на групата и создавачите и припадниците имале конкретна улога, кои улоги се детално опишани во наредбата а спроведување истражна постапка“, истакна обвинителката.

Фетаи подвлече дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ несмеат да бидат.

„Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму, и гласале, потоа определени  се 15000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35000 лични карти кои не се подигнати од барателите, и никој незнае зошто стојат во МВР, имаме и 60000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет, што би рекол почитуваниот г-дин Прибе. Меѓутоа, ова не е единствениот начин на кој е влијаено врз изборниот процес. Применувани се и други методи како насилства, поткупи, злоупотреба на државни капацитети за партиски цели, злоупотреба на медиумите, злоупотреба на јавните фондови и незаконско финансирање на изборната кампања. Сите овие дејствија како што наведов законодавецот ги третирал како кривични дела против изборите и гласањето и за сите постои основано сомнение дека се сторени од конкретни лица“, рече Фетаи.

Како што истакна Фетаи, министерот за внатрешни работи „ја впрегнал целокупната, и човечка и техничка инфраструктура за да го состави избирачкиот список по волја на интересите на партијата од која доаѓа“.

„Избирачкиот список да не стане забуна, по закон го води ДИК, меѓутоа податоците во истиот, речиси во 90% се податоци кои потекнуваат од службите во МВР. Се разбира дека тука се вклучило и Министерството за правда преку матичните одделенија, меѓутоа кај нив дејствијата сеуште се во фаза на основи на сомнение.Конкретно, кога се јавила потребата за нови сигурни гласачи Министерот за внатрешни работи ангажирал голем дел  од капацитетите и подредените ги погазиле сите закони, правилници, упатства за работа за постигнување на таа цел. Одеднаш системот на МВР почнал да работи во обратна насока, прво фотографирање за лични карти и со тоа влегување во системот на лични карти, па системот на информатика си ја завршил работата и со тоа имаме нови гласачи во избирачкиот список, а отпосле живеалиште за тие лица. После вметнувањето во системот на МВР за лични карти, а со тоа и во избирачкиот список, апсолутно е небитно што на дел потоа им изготвиле лични карти, на дел не, а некои си носеле на гласање и си гласале и со патни исправи, на кои живеалиштето им е на друго место, но бидејќи во избирачкиот список се запишани со новото живеалиште, изборните органи им дозволувале да гласаат“, изјави обвинителката.

Фетаи додаде дека   дополнителен товар имале полициските службеници и командирите на полициските станици како да покријат живеалиште на тие лица, кои „ниту живееле, ниту живеат, ниту има можност да живеат на тие адреси“.

„Голема улога во целиот процес имале и одредени нотари, кои заверувале договори за закуп без никаков правен основ. Сепак, има многу од полициските службеници и управните служби и кои одбиле да ги реализираат овие незаконити дејствија, затоа и добиваме силна верба во можностите на оваа држава“, рече Фетаи, додавајќи дека „на крај огромен дел од финансиската поддршка за сето ова е обезбедена преку незаконити и непријавени извори“.

Таа напомен дека против определени лица е предложена мерка притвор како најстрога мерка за обезбедување присуство, акцентот на мерката е поради основан страв дека ќе се врши влијание на сведоците и соучесниците, за што поднесовме и докази дека веќе се вршело такво влијание, а за некои од лицата и по другите основи, особено заради сериозна можност за повторување на кривичните дела и против едно лице со двојно државјанство поради опасност од бегство.

„Воедно Ве известувам дека од страна на ова обвинителство денеска отворена е истрага и против членови на општинската изборна комисија во Чаир, затоа што постои основано сомнение дека сториле кривично дело Изборна измама, со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците. Исто така отворена е истрага и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ“, подвлече обвинителката.

Понатаму, на прес конференцијата, обвинителката Ленче Ристоска рече дека рамки на  Специјалното јавно обвинителство врз основа на објавените разговори започнати се повеќе предистражни постапки, а се прават проверки и извиди за отворање и на други предистражни постапки.

„Имено започнати се предистражни постапки за предметот Маѓар Телеком, кој е побаран од обвинителството за организиран криминал, како и за аферата во јавноста позната како „Надеж“ за кој предмет е изготвено писмо со барање за достава.

„Сакам да укажам дека соработката со институциите оди навистина тешко и иако на почетокот се надевавме дека ќе се надмине ваквата состојба и ќе се воспостави професионална и добра соработка, сепак тоа нешто не е случај. Последица на ваквата состојба е одолговлекување на одредени предистражни постапки, во кои сепак, во рамки на законските прописи се преземаат сите активности и се користат сите законски овластувања“, додаде Ристоска, посочувајќи дека Советот за јавни обвинители во последната негова изјава изнел невистини и непроверени факти, а обиди имало и од страна на одредени политички партии.

Таа  да упати порака до јавноста и сите политички фактори во Република Македонија, дека Специјалното обвинителство е сме професионално и независно обвинителство, кое работи исклучиво согласно законот и преку почитување на правата на сите лица во кривичната постапка.

„Се оградуваме во целост од изјавите на политичките партии кои се обидуваат работата на ова Јавно обвинителство да ја прикажат во сопствена корист. Наш единствен фокус е борбата против криминалот во согласност со надлежностите дадени  со уставот и законите“, потенцираше Ристоска.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.