Двајца патници во авион на Allegiant од Феникс кон Јута во САД непосредно пред летот почнале тепачка откако едниот од нив наводно одбил да носи маска.
Рајли Лансфорд, една од патниците во авионот за време на инцидентот, преку својот Instagram сподели видео од немилиот настан, како и објаснување за тоа што се случило пред да започне тепачката. Таа вели дека мажот кој седел зад неа носел визир на лицето, но стјуардесата го замолила да носи и маска што ги покрива устата и носот.
На видеото од тепачката, кое потоа се прошири на интернет, се гледа како едниот маж го влече другиот за коса, додека други патници се обидуваат да ги разделат.
Се слуша како помладиот маж пцуе додека стјуардесата се обидува да ја смири ситуацијата.
„Ситуацијата беше апсолутно хаотична и откачена, бидејќи сè се вртеше околу една маска“, вели Рајли Лансфорд.
По расправијата, стјуардесите успеале да ја преземат контролата над ситуацијата и повикале обезбедување.
Во своето објаснување Лансфорд вели дека откако стивнала ситуацијата, мажот кој одбил да носи маска бил исфрлен од авионот, додека на другиот маж му било дозволено да остане. Таа го обвини човекот кој ја почнал расправијата дека бил груб и безобѕирен кон вработените во екипажот на лет кои само се обидувале да му ги објаснат правилата.
Според политиката на Allegiant, патниците мора да носат заштитни маски изработени од цврст материјал што целосно ги покриваат устата и носот за да се заштитат себе си и другите.