Модерната динамка на животот е стресна, но особено сега кога светот се соочува со заеднички, глобален проблем.
Во ваква ситуација стресот не штеди никого. Затоа, исклучително значајно е да знаете како да се справите со него и како во овие околности максимално да го сочувате својот духовен мир, физичкото и менталното здравје.
На тема: техники за релаксација со кои се редуцира стресот, ги сумиравме препораките на неколку светски здравствени институции и стручни лица и дојдовме до неколку ефективни предлози.
Медитација
Преку медитација може да го намалите, па дури и да го контролирате стресот. Постојат различни форми на медитација, па важно е да ја пронајдете онаа која вам лично ќе ви биде најсоодветна. На пример, може да развиете сопствена мантра, па додека медитирате може да си ја повторувате во комбинација со контролирано, длабоко и бавно дишење. Смирувачка музика или звуци во позадина, исто така може да бидат корисни.
Фокусирајте се на дишењето
Правилното дишење има голема улога во редуцирањето на стресот. Ако се фокусирате на дишењето или го промените начинот на дишење, ќе приметите голема разлика во стресни ситуации. Техниките на правилно дишење може да го смират вашето тело и мозок за неколку минути. Вдишете длабоко низ носот, наполнете ги градите, а потоа бавно издишете – повторете го процесот неколку пати.
Гушкање
Прегратката со саканите е ефективен лек против вознемиреноста.
Кога гушкате личност што ја сакате, се ослободува хормонот окситоцин, кој се поврзува со повисоко ниво на среќа и релаксација, а истовремено значи и пониско ниво на стрес.
Креирајте
Конектирајте се со вашата креативна страна. Ако можеби сте ја заборавиле во детството, време е да се потсетите, доколку барате начин да го редуцирате стресот.