Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека точни се информациите на Москва за 600 украински војници загинати во нападот на градот Краматорск, и покрај информациите на западни агенции според кои нападите ги промашиле своите цели.
„Кремљ е апсолутно убеден во точноста на овие информации и ќе Ве потсетам на зборовите на претседателот Владимир Путин дека главен извор на информациите е Министерството за одбрана“, рече Песков.
Претходно агенциите соопштија дека руските ракети ги промашиле предвидените цели во градот Краматорск и дека нема очигледни знаци на штета и покрај тврдењата на Москва дека во нападите загинале 600 украински војници.
Песков ги отфрли и наводите на Киев дека заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Русија, Дмитриј Козак, неофицијално разговарал со европски претставници за мир со Украина.
„Тоа е уште една лажна вест“, рече Песков.
Коментирајќи ги новите испораки оружје од западните земји, Песков оцени дека тоа „само ќе ги продлабочи страдањата на украинскиот народ“ и нема да го промени исходот од конфликтот.