Трамп го предлага доктор Оз за висока функција во здравството

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го предложи д-р Мехмет Оз за администратор на здравствените системи финансирани од државата, „Медикер“ (Medicare) и „Медикејд“ (Medicaid).

„Го познавам д-р Оз многу години и уверен сум дека тој ќе се бори да обезбеди сите во Америка да ја добијат најдобрата можна здравствена заштита, за нашата земја повторно да биде одлична и здрава“, изјави Трамп денеска, според американските медиуми.

Американецот со турско потекло, чие вистинско име е Мехмет Џенгиз Оз, е кардиоторакален хирург и позната телевизиска личност. Тој имаше една неуспешна епизода во политиката во 2022 година, кога загуби на изборите за Сенатот во Пенсилванија, иако ја имаше поддршката на Трамп.

Пред да се кандидира за Сенатот, Оз беше водител на истоимената емисија „Д-р Оз“ и чест гостин на „Шоуто на Опра Винфри“, каде даваше медицински совети. Оз е контроверзна личност во светот на медицината, критикуван поради постојаното промовирање на „алтернативна“ и „комплементарна“ медицина за чиишто терапевтски придобивки науката нема докази.

Пронајдете не на следниве мрежи: