Трет последователен пораз на Баерн, Тухел на работ на отказ


Во последниот натпревар од 22. коло на германското фудбалско првенство, Бохум приреди изненадување совладувајќи го Баерн Минхен со 3:2 и со тоа на германскиот шампион му го нанесе третиот последователен пораз.

По поразот од Баер Леверкузен со 0:3 во првенството, и од Лацио со 0:1 во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите, Баерн бараше победа против Бохум за да „купи“ барем малку мир. Сепак, актуелниот германски шампион доживеа шокантен пораз од тимот кој грчевито се бори за прволигашки спас, што уште повеќе ја отежна позицијата на Томас Тухел, кого германските медиуми веќе подолго време го пишуваат како „поранешен“.

Ова е првата победа за Бохум откако Баерн ги доби последните три меѓусебни натпревари со гол-разлика 17:0.

За Баварците почна одлично. Џамал ​​Мусиала ги доведе гостите во водство во 14. минута, но Бохум до крајот на полувремето направи резултатски пресврт со головите на Такума Асан во 38. минута и Кевен Шлотербек во 44. минута.

Нови проблеми за Баерн стигнаа во 77. минута кога Дајот Упамекано направи пенал и притоа заработи црвен картон. Ова е втор меч по ред на кој францускиот дефанзивец прави најстрога казна и заработува исклучување. Пред четири дена тоа му успеа во поразот во мечот од Лигата на шампионите од Лацио.

Бохум го искористи пеналот, Кевин Стогер погоди за 3:1. Грст надеж за Баерн се појави во 87. минута кога Хари Кејн намали на 2:3. Англискиот напаѓач можеше да израмни во шестата минута од судиското надополнување, но домашен дефанзивец со лизгачки старт го одбрани ударот.

Баер Леверкузен води со 58 бодови, осум повеќе од Баерн. Бохум со 25 бодови скокна на 11-та позиција.

На првата средба во неделата Фрајбург и Ајнтрахт Франкфурт одиграа одличен натпревар кој заврши 3:3. Гостите трипати водеа, но Фрајбург секој пат се враќаше во мечот, а последниот трет гол домашните го постигнаа во 90. минута.

Головите за домашните ги постигнаа Рицу Доан (30), Винченцо Грифо (45+5-11м) и Мајкл Грегорич (90), а на спротивната страна Омар Мармуш (27) и Ансгар Кнауф (35, 72).

Со овој резултат Фрајбург ја прекина серијата од три последователни порази, додека Ајнтрахт го забележа второто реми во низа. Фрајбург е осми со 29 бодови, додека Ајнтрахт е на шестата позиција со четири бода повеќе.

Пронајдете не на следниве мрежи: