Кинескиот парламент го разреши Чин Ганг од функцијата министер за надворешни работи на земјата.
Функцијата шеф на кинеската дипломатија ќе ја преземе Ванг Ји, кој ја извршуваше функцијата пред да биде назначен Чин Ганг, објавија кинеските државни медиуми. Досега Џи беше советник за надворешна политика на кинескиот претседател Кси Џинпинг.
Да потсетиме, шефот на кинеската дипломатија Чин Ганг не е виден во јавноста веќе еден месец, што е невообичаено долго со оглед на актуелните бурни дипломатски активности во Пекинг.
Чин, 57-годишен ветеран дипломат и доверлив помошник на кинескиот лидер Си Џинпинг, стана министер за надворешни работи во декември по краткиот мандат како амбасадор во САД.
Како министер, тој остро го критикуваше Вашингтон откако односите меѓу двете земји се влошија поради инцидентот со кинески шпионски балон што беше соборен над САД.
Тој одигра клучна улога во последователните обиди да се стабилизираат односите и да се обнови комуникацијата меѓу двете страни, вклучително и средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на неговата посета на Пекинг во средината на јуни.
Месец без појавување во јавност
Кинескиот министер за надворешни работи не е виден во јавноста од 25 јуни, откако во Пекинг се сретна со претставници на Шри Ланка, Виетнам и Русија.
Во неговото последно појавување во јавноста, Чин беше виден како насмеан додека одеше рамо до рамо со рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко, кој дојде во Пекинг да се сретне со кинеските власти по краткотрајниот бунт на руската платеничка група Вагнер.
Чин, исто така, не се појави на годишниот состанок на министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Индонезија минатата недела.
Наместо тоа, на состанокот присуствуваше кинескиот дипломат Ванг Ји.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи на редовната прес-конференција претходно овој месец изјави дека Чин не можел да присуствува на состанокот на АСЕАН „поради здравствени проблеми“, објави Ројтерс.
Сепак, тој одговор не беше вклучен во официјалниот транскрипт од прес-конференцијата објавен подоцна на веб-страницата на министерството.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.