Украинските војници го нападнаа центарот на Белгород , при што беа убиени две деца, тврди шефот на регионот, Вјачеслав Гладков.
– Вооружените сили на Украина го гранатираа центарот на Белгород. Според првичните информации, има две мртви деца и неколку повредени – напиша Гладков на својот канал Телеграм и додаде дека при нападот неколку гранати го погодиле станбениот сектор.
Нападот се случил околу 15:00 часот по локално време, по што црн чад се издигнал над центарот на градот.
Некои воени блогери наведуваат дека една од гранати паднала на лизгалиштето кое се наоѓа во центарот на градот на плоштадот Парламент.
Белгород наводно бил мета и во текот на претходниот ден.
– Повеќе од 60 згради и околу 30 автомобили се оштетени во Белгород како резултат на масовното украинско гранатирање во петокот вечерта – изјави претходно Гладков и додаде дека еден човек загинал кога граната погодила приватна куќа.
Исто така, како што напиша на Телеграм, откриени се оштетувања на градскиот водовод.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските системи за противвоздушна одбрана во петокот вечерта уништиле 13 проектили над територијата на регионот Белгород.
Белгород се наоѓа на приближно 25 километри од украинската граница и е дом на повеќе од 300.000 луѓе.
Да потсетиме дека во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот, Русија изврши невиден воздушен напад врз градовите низ Украина . Мета беа Киев, Харков, Миколаев, Одеса, Днепропетровск, Лавов…
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.