Руското Министерство за одбрана објави дека 50 вратени руски војници ќе бидат пренесени во Москва на медицинска и психолошка рехабилитација.
„На 8 јануари, како резултат на преговорите, 50 руски војници, чии животи беа во опасност додека беа во заробеништво, беа вратени од територијата под контрола на режимот во Киев“, се вели во соопштението, пренесе Ројтерс.
Украина ја потврди информацијата и рече дека Русија ослободила 50 украински војници како дел од истиот договор.
Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател, на Твитер напиша дека е извршена уште една успешна размена на воени заробеници и дека се вратиле 50 украински војници.
„Тоа ќе продолжи. Мораме да ги донесеме сите наши луѓе дома и работиме на тоа“, напиша тој.
Јермак објави слики од ослободените украински војници кои држат вреќи со храна во близина на автобусот во кој требаше да се качат и видео од нив како ја пеат украинската химна додека возат.