Нема опасност за ребаланс на Буџетот и тој ќе биде усвоен во законскиот рок. Актуелните случувања околу уставните измени во Собранието нема да го пролониграат, рече денес министерот за финансии Драган Тевдовски. Според него, во моментов Буџетот е во одлична кондиција и приходната страна се полни согласно предвидените проекции.
– Ако се сеќавате, дури и кога немавме ваква извесност за случувањата, јас реков дека ние сме подготвени за сите сценарија. Најбитното во моментов е дека буџетот е во одлична кондиција, може да видите од извештаите кои ние секој месец редовно ги објавуваме, многу транспрентно. Приходната страна на буџетот на Република Македонија е одлична, се полни согласно нашите проекции. Тоа е најважно – рече Тевдовски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата.
Подготовката на Буџетот за следната година е во последна фаза и сите детали ќе бидат објавени кога ќе дојде време, нагласи министерот Тевдовски.