Учебници за сите и прилагодени наставни програми во гимназиското образование, дел од новиот концепт за развој на образованието на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ Весна Јаневска посочи дека децата во новиот систем на образование ќе учат нешта кои им се потребни за животот, ќе се прилагодуваат наставните програми во гимназиското образование, а ќе се отворат и три регионални центри за средно стручно образование

Ќе направиме се да имаме универзитет на Шангајска листа меѓу првите илјада, како и секое дете да има учебник во претстојната 2024/25 учебна година, истакна на денешната дебата „Образовна платформа за иднина“ на тема „Нов концепт за развој на образованието“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Многумина добиваат звање редовен професор и до пензија забораваат да напишат труд. И ние сакаме во една таква ситуација да имаме универзитет на Шангајската листа. За да се биде на Шангајската листа има два столба. Едниот столб е обврска на државата и со тоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ  треба да се позанимава сериозно. Тоа значи државата да обезбеди околина, услови за научно функционирање, опрема и слично. Тоа е дел и обврска на државата, но обврската за наставниот кадар е да објавуваат трудови индексирани со висок фактор на влијание.  Нашиот највисоко рангиран е Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ и тој е нешто под двеилјадитото место и ние сакаме да имаме наука, тоа не е можно. Наука не може во вакви услови“,

рече Мицкоски.

Оттука, како што истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, тие одлучиле да предложат повисоки плати за сите наставници кои ќе имаат трудови со импакт фактор. Тој истакна и дека неговата партија ќе направи се, кога ќе формира влада некаде во втората половина на јуни, сите ученици да имаат книги.

„Учебната година стaртува на први септември и информациите велат дека власта знае дека ќе биде поразена и се обидува да остави тотален хаос. Но, ние ќе дадеме се од себе тоа да не се случи, како што и во техничката влада даваме се од себе да се среди хаосот кој го оставија со личните документи“,

заклучи Мицкоски.

Претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ Весна Јаневска посочи дека децата во новиот систем на образование ќе учат нешта кои им се потребни за животот, ќе се прилагодуваат наставните програми во гимназиското образование, а ќе се отворат и три регионални центри за средно стручно образование.

„Децата во новиот систем на образование ќе научат нешта кои им се потребни за животот. Ќе се запознаваат со тоа што е претприемништво, демократија, што е тоа општество, различни култури, ќе почитуваат традиции. Ќе научат како да носат одлуки значајни за нивниот живот, како да решаваат проблеми на мирен и конструктивен начин. Децата ќе научат како да планираат домашен буџет, како да менаџираат со своето време. Ќе им го понудиме се она кое што досега го немале, а го има во ЕУ, каде што ние се стремиме да одиме, односно кој квалитет сакаме да го постигнеме“,

истакна Јаневска.

Таа дополни дека ќе се стави акцент и на воннаставните активности во зависност од афинитетите на учениците.

„Учениците од прво до четврто ќе имаат целодневна настава, а од петто до деветто тие ќе имаат едносменска настава, за да можат се ова кое што го зборуваме да можат да го остварат во училиштето. Се што треба ќе биде заокружено во тој период. За оние деца кои покажуваат посебни афинитети кон науката и образованието и се истакнуваат со своите таленти ќе направиме напредни програми и тие деца освен базата која што ќе ја стекнуваат како сите други, ќе добиваат ментори со кои ќе ги развиваат своите таленти“,

дополни Јаневска.

Таа потенцираше дека ќе се прават и соодветни инфраструктурни инвестиции во зависност од тоа што е неопходно да се направи во одредени училишта.

„За да преминат во средно образование децата ќе добијат советување од страна на наставниците и стручните служби. Стручните служби ќе бидат докомплетирани и тие ќе ја работат својата педагошка и психолошка работа во училиштата. Ова кариерно советување ќе им помогне и на родителите. Во гимназиското образование наставните програми не се променети 20 години и истите ќе бидат променети и прилагодени. Ќе го поддржуваме и средностручното образование и дуалното образование, согласно потребите на пазарот на труд. Ќе отвориме уште три регионални центри за средно стручно образование, за децата да имаат рамноправни можности да пристапат кон образовниот процес и потоа на пазарот на трудот“,

истакна Јаневска.

Пронајдете не на следниве мрежи: