Фејсбук отстранил 212 лажни профили од Косово и Македонија минатиот месец

Месечниот извештај на Фејсбук за борба против лажните вести во пресрет на ЕУ изборите открива дека 212 профили биле отстранети во март поради “координирано неавтентично однесување“, јави МИА од Брисел.
Од почетокот на оваа година, Гугл, Фејсбук и Твитер издаваат месечни извештаи во рамките на Кодексот на однесување кој го потпишаа со Европската Комисија, со цел борба против дезинформациите и спречување на надворешни и малициозни влијанија врз кампањата за изборите за Европскиот Парламент во мај.
Извештајот за март месец, достапен од денеска, открива дека се избришани 212 профили од Косово и Македонија кои работеле координирано.


-Отстранивме 212 Фејсбук страници, групи и налози поради координирано неавтентично однесување од Македонија и Косово. Лицата зад овие активности управуваа со лажни налози за да администрираат страници кои споделуваат општа содржина, ненасочена кон една земја специфично, како астрологија, познати личности и совети за убавина, стои во извештајот.
Покрај ова, имало и неколку профили кои се претставувале како политички организации од Австралија, Британија и САД и објавувале содржини поврзани со Исламот и верски теми како и политички и националистички содржини, информира социјалната мрежа.
Овие налози имале вкупно околу 685 илјади следбеници на Фејсбук или Инстаграм.
Според Фејсбук, координирано неавтентично однесување значи создавање на мрежа лажни профили и страници со цел да се измамат корисниците и да се манипулира со јавната дебата во стратешка цел, објаснува Фејсбук.


Европската Комисија денеска ги поздрави редовните извештаи на овие три компании и нивните обиди за повеќе транспарентност во пресрет на изборите, но смета дека се потребни дополнителни напори.
-Дополнителни технички подобрување и споделување на методологијата и податоците за лажните налози се потребни за да им се овозможи на надворешни експерти и истражувачи да спроведуваат независни проценки, смета еврокомесарката Марија Габриел.
ЕК сега ги чека извештаите за април и се надева дека ќе биде констатиран напредок.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.