Филип Рикер, 54-годишниот амбасадор на САД во Македонија од 2008 до 2011, е новиот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, објави грчки „Катимерини“. Рикер ќе го замени Вес Мичел кој даде оставка, а на функцијата ќе стапи следниот месец. Рикер досега беше на функција во Европската команда на САД (ЕУКОМ) во Штутгард, каде е од 2017.
Пред да биде назначен за амбасадор од администрацијата на Џорџ Буш, во Македонија од 1997-99 беше во одделот за односи со јавноста на амбасадата на САД во Скопје. Од 2011 до 2013 беше заменик-помошник на државниот секретар, одговорен за европските прашања.
Вес Мичел поднесе оставка пред неколку месеци, а беше особено ангажиран околу склучувањето на Преспанскиот договор и разрешувањето на кризата во Македонија. Портфолиото на Мичел во Стејт департментот го вклучуваше и справување со Русија, што е особено чувствително прашање, со оглед на тековните истраги за тоа дали кампањата на претседателот Доналд Трамп соработувала со Москва за време на претседателската кампања во 2016 година.