Филипче и Петровска ги ставаат нивните кариери пред интересите на државата



Измените во Законот за организација на работата на органите на државната управа се рационални и многу потребни, истите се работени и со претставници на ЕУ и се дел од ИПА програмата, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Додека ВМРО-ДПМНЕ обезбедува единство и гради консензус за прашањата кои се важни за развојот на државата без притоа да има хипотеки кон никого, единствените противници на тоа се „децата“ на Заев како Венко Филипче и Славјанка Петровска, рече пратеничката Марија Митева во однос на измените во Законот за организација на работата на органите на државната управа, чие носење втор ден е една од главните теми во јавниот дискурс.

По прозивките од пратениците на СДСМ, Филипче и Петровска дека ВМРО-ДПМНЕ ја изневерила довербата на граѓаните и ги разочарала гласачите кои им дале поддршка на изборите кои се случија на осми мај, денеска најпрвин преку соопштение, а попладнево и на прес-конференција во партиското седиште реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Според портпаролката Митева, измените во Законот за организација на работата на органите на државната управа се рационални и многу потребни, истите се работени и со претставници на ЕУ и се дел од ИПА програмата и затоа ниту еден политички чинител во државата не може да ги оспори или да не ги поддржи доколку и мисли добро на државата и нема никакви задни намери.

„За разлика од нашиот фокус на државните процеси, Венко Филипче и Славјанка Петровска ја ставија својата кариера пред интересите на државата. И од прв ден покажаа дека СДС ќе работи на план како да се запре прогресот на државата“,

кажа Митева.

Таа се осврна и на претстојните внатрепартиски избори во СДСМ, каде меѓу кандидатите се токму Филипче и Петровска, велејќи дека партијата ќе продолжи да тоне без разлика кој ќе биде нејзин нов кормилар, бидејќи сите претенденти за претседателската фунцкија биле причина за изборниот пораз.

„Филипче и Петровска може да се добри ученици на Заев, но не и добри политичари за својата држава. СДС и со Филипче и со Петровска само ќе тоне. И во наредниот период ќе гледаме како партијата која се претставуваше себе си за европска и прогресивна заради политички калкулации ќе се противи на развојот на државата“,

заклучи Митева.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: