Не знаеме каква есен нè чека, мора да бидеме внимателни особено со децата. Полошо сценарио значи поголем број пациенти и од сезонски грип, кои ги окупираат истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид. Се спремаме за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Тој вели дека е задоволен од досегашното менаџирање на кризата и најавува план за дополнителни рестрикции во региони во кои би имало поголем број пациенти или би биле потенцијален ризик.
-Она што е показател за кој мислам дека ни укажува дека добро се менаџира кризата е што прво имаме константен процент на позитивни случаи од вкупниот број на тестови, бројот на пациенти во болниците во континуитет постепено се намалува.
Тоа што не треба да се дозволи е да има огромен процент на позитивни од вкупниот број тестови зашто тоа значи дека не знаеме што се случува и немаме целосна слика за епидемијата. Такви сценарија гледаме во околните земји. Огромен ризик е да се пренатрупаат болниците, а тоа го избегнавме и во почетокот и сега, вели Филипче.
Филипче вели дека што се однесува до училишниот модел, родителите треба да имаат избор: да ги праќаат децата во училиште или да учат онлајн.
-Зазедовме став на Комисијата и мислам дека предлогот е сосема солиден, до трето одделение со физичко присуство, празни ќе бидат училиштата, а другите да бидат со онлајн-настава. Се соочуваме со еден период во кој во ниту една земја во светот не се знае што ќе биде. Не знаеме каква есен нè чека. Дополнително сезонски грип, колку пациенти ќе има… Така што, мора да бидеме внимателни особено со оваа категорија. Апсолутно мислам дека солидна е препораката за од прво до трето одделение. Мислам дека треба да одат во училиште ако се согласни родителите. Ако родителите не се согласни, тогаш треба да има и онлајн настава, смета Филипче.