Двајца затвореници побегнаа од затворот во Пикасент, 15 километри од Валенсија, во саботата навечер, искористувајќи ја еуфоријата предизвикана од гледањето фудбалски натпревар помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид на телевизија.
dobivaj vesti na viber
Затворениците избегале по ноќното пребројување, кое се случува околу 21 часот, што се совпадна со почетокот на дербито од шпанската лига меѓу Барселона и Атлетико.
Затворениците ја искористиле вревата и метежот предизвикан од натпреварот, објави денеска шпанскиот јавен сервис ТВЕ, повикувајќи се на неименувани извори од затворот.
Двајца затвореници ги скршиле решетките од својата ќелија, се спуштиле со врзани чаршафи и избегале од затворскиот комплекс.
Затворскиот синдикат изјави за новинската агенција ЕФЕ дека бегството на двајцата е резултат на пропуст на безбедносниот систем во затворот во Валенсија, еден од најстарите во Шпанија. Синдикатот повика на ангажирање на дополнителни чувари.
Затворската служба отворила истрага, а полицијата трага по бегалците, чиј идентитет не е соопштен, ниту зошто издржувале затворска казна.
Фудбалот е најпопуларниот спорт во Шпанија. Во саботата Атлетико го презеде првото место на првенствената табела од Барселона со победа од 2-1.