Финансиска полиција со предистрага за „Фризерница“

Случајот „Фризерница“ под лупа на Финансиската полиција. Оттаму потврдија дека е отворена предистрага за Националната агенција за европски образовни програми во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Детали не се откриваат поради тајноста на предистрагата.
„Од наша страна се преземаат мерки и активности согласно Законот за кривична постапка“, велат од Управата за финансиска полиција.
И Европската комисија проверува дали има злоупотреби со европски пари во Агенцијата со која директорува Лидија Димова. Од Брисел велат дека секое нерегуларно трошење ќе треба да се врати назад во европската каса. Случајот ќе го проверува и ОЛАВ, европско тело за борба против измами. Димова пак, денеска излезе на прес-конференција. Тврдеше дека сè било по процедурите и оти секој може да користи пари од програмата „Еразмус плус“, освен партиите. Димова не планира да си даде оставка.


„Мене ми е тоа многу мило ако тие навистина отвориле истрага за случајот. Овој предмет, не е проблемот господинот Златковски или јас како директорка, ние сме менлива категорија. Она што е навистина проблематично е што се извалка програмата ‘Еразмус плус’, која моментално е најпопуларната програма во Европската Унија“, вели Димова.
Фрмата „В.Е.З. Трејд“ во сопственост на Зоран Златковски, ем е фризерница, ем држи обуки за медиумска писменост. Таа добила грант од 270.000 евра за држење обуки за медиумска писменост, иако дејноста и е фризерница и салон за убавина.
„Фирмата има и општа клаузула за дејност. Тоа значи дека може да се занимава со сè во врска со регуларен бизнис во државата. – Добро. Дополнителни прашање имам по однос на ова. Дали тоа значи дека дејноста ја преиначувате во однос на тоа какви проекти се доделуваат? – Тоа зависи од приливите на средства…“, рече Златковски.
Инаку, според Димова, ова не било првпат да биде доделен грант на фризерница. Во однос пак на проектот за тренирање хрватско магаре за кој едно училиште добило 80.000 евра, Димова тврдеше дека вакви проекти се доделувале и во други држави.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.