На плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица денеска се одржа Детскиот карневал. На него учествуваа поединечни и групни маски најчесто изработени од ученици од основните училишта и градинките
Во Струмица продолжија карневалските празнувања. Најмладите струмичани денеска учествуваа на Детскиот карневал што се одржува по повод празникот Прочка. Тие со своите маски продефилираа на струмичкиот плоштад во рамки на карневалските празнувања што почнаа на 13 овој месец.
Децата заедно со своите родители и наставници ги покажаа своите карневалски кореографии преку кои со песна и музика повикаа на мир, љубов, разбирање и весело детство, а не беа заборавени и омилените јунаци од цртаните филмови.
Во дефилето имаше повеќе групни маски изработени од основни училишта и предучилишни установи од Струмица.
Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на Чист понеделник, кога ќе бидат објавени резултатите за најуспешните маски од Големото карневалско дефиле кое се одржа синоќа. Потоа на програмата е варење и конзумирање бел грав на плоштадот „Гоце Делчев“, а утрешната програма завршува со отворање на изложба на карикатури и афоризми од Интернационалниот фестивал и доделување награди на најуспешните.
„На карневалската сцена дечињата ги покажаа своите разновидни карневалски креации во друштво на нивните родители, а во дефилето имаше и групни маски изработени од учениците и нивните наставници од основни училишта и од најмладите од струмичките градинки. Со своите маски децата ги воодушевија посетителите кои го наполнија градскиот плоштад. Карневалските празнувања продолжуваат утре, на Чист понеделник, кога на плоштадот ќе се вари и јаде посен грав“,
велат од Општина Струмица.