За време на оваа посета, рускиот претседател беше одликуван со орден „Ким Ил Сунг“, највисок орден на Северна Кореја за, како што беше наведено, огромни заслуги во развојот на добрососедските и братските односи меѓу двете земји, објави севернокорејското радио „Гласот на Кореја“
Рускиот претседател Владимир Путин ја посети Северна Кореја по 24 години. Средбата меѓу него и Ким Џонг-ун во изминативе неколку дена беше главна вест во сите светски медиуми, а она што секако го привлече вниманието на јавноста се подароците што ги разменија двајцата лидери.
Ким го пречека Путин со насмевка и прегратка, а главниот град Пјонгјанг беше украсен со цвеќиња, балони и огромни плакати на двајцата претседатели истакнати на зградите.
Подоцна се одржала неформална средба со освежување и гала-концерт.
Путин и Ким имале приватна средба на која разговарале околу два часа.
За време на разговорот, Путин му се заблагодарил на Ким за неговата „конзистентна и непоколеблива поддршка за руската политика“, меѓу другото, „по прашањето за Украина“.
Ким рекол дека односите меѓу двете земји „влегуваат во период на нов просперитет“, нарекувајќи ја Русија „најискрен пријател на Северна Кореја“.
Кој што доби како подарок
За време на оваа посета, рускиот претседател беше одликуван со орден „Ким Ил Сунг“, највисок орден на Северна Кореја за, како што беше наведено, огромни заслуги во развојот на добрососедските и братските односи меѓу двете земји, објави севернокорејското радио „Гласот на Кореја“.
Покрај тоа, имало интересни, пред сè скапи подароци кои си ги размениле првиот човек на Русија и лидерот на Северна Кореја.
Лидерот на Северна Кореја на подарок добил нова лимузина „аурус“ и сет за чај, додека Путин добил неколку уметнички дела, вклучувајќи слики и бисти, пренесе руската новинска агенција ТАСС. За потсетување, Путин уште во февруари на Ким му подари „аурус“ од руско производство – лимузина каква што користи и рускиот претседател.
Вчера двајцата шефови на држави се повозеа со „аурусот“ што го возеше Путин, но не е познато дали тоа е лимузината што Ким ја добил во оваа пригода.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун му подарил на Путин пар севернокорејски кучиња пунгсан.
Расата ловечки кучиња пунгсан се одгледува во Северна Кореја, потекнува од волци и е речиси непозната надвор од земјата.
Вчера заврши дводневната посета на Пјонгјанг, а денеска рускиот претседател е во Виетнам, каде што веќе започна официјалниот прием за него.