(Фото+Видео) 20 километри распон на пожарот во близина на Неготино – рано утринава ќе се вклучат во гаснењето и Ер-Тракторите

Владата прогласи кризна состојба поради пожарите. На седницата, која се одржа вечерва, поради топлотниот бран и состојбата со пожарите, кризната состојба ќе трае 30 дена. Како што информираат од Владата, Министерството за внатрешни работи се задолжува да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите.

Претходно Кризниот штаб Неготино алармираше дека состојбата со пожарот на Серта е загрижувачка, и побара од Владата да прогласи кризна состојба.

– Состојбата е алармантна, досега ангажирани се сите расположиви ресурси. Неопходна е многу поголема поддршка. Потребно е од страна на Владата да се прогласи кризна состојба. Да се обезбеди комплетна опрема за противпожарна заштита, со цел да може при гасењето на пожарот да интервенираат поголем број лица. Да се обезбеди дрон од СВР Велес и припадници на СВР Велес, кои ќе интервенираат при гасењето на пожарот, се заклучоците на Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино по седницата одржана вечерва, кои за МИА ги потврди Гордана Јованова, командант на Штабот и советник во Советот на Општина Неготино.

Диме Витанов, поранешен претседател на Советот на Општина Неготино и поранешен командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување, вечерва на Фејсбук објави дека во рамки на своите можности ќе се вклучи во гаснењето на пожарот. Апелира секој што е во можност да го стори истото, а од Општискиот штаб за заштита и спасување бара да ги искористи сите ресурси од локално ниво што се на располагање.

– Согласно Законот за заштита и спасување, Штабот има можност да ги задолжи сите ЈП, ТД и институции на локално и регионално ниво за да ги користат нивните ресурси. Тоа значи вработени во АД ТЕЦ Неготино, вработени во МЕПСО (овие две ТД имаат свои противпожарни служби и опреми), вработени во ЈП Комуналец, ЈП Паркинзи, вработени во сите поголеми институции и приватни фирми, механизациите, моторните средства и возила кои ги имаат овие ТД мора да се стават на располагање. Апелирам до Општинскиот штаб за заштита и спасување, да побара од Владата прогласување на кризна состојба на територијата на општина Неготино, од причина што полесно ќе можат да располагаат со потребни ресурси за надминување на состојбите, напиша Витанов.

Состојбата со пожарот кај Неготино загрижува и бидејќи пламените јазици се доближуваат до патот со што се загрозени околу 150 куќи во Калањево. Во моментов распонот на пожарот е повеќе од 20 километри, а веќе утрината се очекува на помош да дојдат и Ер-Тракторите кои треба да го спречат натамошното ширење на пламените јазици.

Пронајдете не на следниве мрежи: