Пробајте средноевропско јадење налик на мусака, но со колбаси и кашкавал. Нема да зажалите.
Францускиот компир е всушност рецепт кој се прави низ цела Европа (особено Средна) и кој има многу варијации, а врската со Франција лежи во тоа што се користи техниката на гратинирање (од франциски gratin што значи да се потпече јадење покриено со сирење, лебни трошки или павлака/јајца за да се добие крцкава кора).
Во секој случај, јадењето има фантастичен вкус, лесно се прави и е одлична идеја за ручек или вечера.
Потребни состојки:
7-8 компири со средна големина
4-5 јајца
1 пар колбаси (може и сланина или шунка)
гауда
Состојки за прелив:
300 ml кисела павлака
2 јајца
вегета
сол
бибер
Подготовка:
Компирите се варат нелупени во зовриена посолена вода сѐ додека не омекнат (прободете со вилушка, мора да биде целосно мек).
Сварените компири изладете ги и потоа излупете ги, па исечкајте ги на тркалца.
Варете ги јајцата 10 минути во врела вода. Излупете ги и исечкајте ги на парчиња.
Пропржете ги колбасите и исечкајте ги на кругови.
Подмачкајте го дното на тавата (путер, масло или маст) и наредете ред компири, ред јајца, колбаси. Завршете со компири и прелијте со мешавина од павлака, јајца и зачини.
Одозгора изрендајте ја гаудата и печете на 200°C додека не порумени (приближно половина час).