Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) соопшти дека 29-годишен маж од Узбекистан е приведен во врска со убиството на високиот генерал Игор Кирилов и неговиот помошник во центарот на Москва. Генерал-потполковник Игор Кирилов, началник на силите за радијациска, хемиска и биолошка заштита, вчера рано наутро излегувал од зградата кога преку далечински управувач била активирана експлозивна направа скриена во скутер.
Нападот е снимен, а снимката вчера се прошири на социјалните мрежи.
ФСБ денеска објави дека се уште неименуваниот осомничен бил регрутиран од украинските разузнавачи, јавуваат руските државни новински агенции.
Центарот за односи со јавноста на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека уапсениот 29-годишник е „осомничен за терористички чин“. Во соопштението се наведува дека за време на сослушувањето „рекол дека бил регрутиран од украинските специјални служби“.
Во видеото објавено од ФСБ, наводниот осомничен – темна коса, маж со лисици на рацете – зборува директно во камерата.
Се чини дека тој вели дека му била понудена награда од 100.000 долари и дозвола да се пресели во Европската унија во замена за убиството на Кирилов. ФСБ додаде дека тој пристигнал во Москва по инструкции од Украина и поседувал рачно изработена експлозивна направа.