Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај денеска повторно го нарече премиерот Албин Курти шпион на Србија и предавник, откако, како што рече, „ја остави војската без леб“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на денешната вонредна седница на Собранието, на која се расправа за проблемите со снабдувањето со храна на косовските безбедносни сили, рече дека секојдневната заложба на Курти е измама, и дека работи против интересите на државата.
„Од оваа говорница и претходно го нарекував измамник. Повеќето луѓе мислеа дека тоа е само од опозиционерството. Ве молам, неговото секојдневно залагање е целосна измама. Тој не работи во интерес на оваа држава. Курти систематски, континуирано ја слабее државата што ја води. Тоа ги ослабува виталните столбови на земјата, оние на безбедноста. Безмилосно удира по полицијата, АКИ (Агенцијата за разузнавање) и војската на најниски можни начини и продолжува да удира“, рече Харадинај.
Според поранешниот премиер, вознемирувачки е како шест години по создавањето на косовската војска се зборува за храната за војниците.
Тој рече дека Курти е агент, човек на Србија и предавник, бидејќи како што рече ја оставил војската, освен без облека и пристојни плати, сега и без леб.
„Еден ден овде му кажав дека е шпион на Србија. Да, тој човек е предавник што ја остава војската без леб. Зошто им го прави ова? Зошто му се случува на овој? Зошто никому тоа не му се случило во текот на нашите 20 години постоење? Сè е случајност, а? Ги остави без превоз, без облека, без пристојни плати, без многу друго, сега ги остави и без леб. Ве молам кој го штити овој човек замислете се што правите. Го штитите човекот кој постигна и војската да ја остави без леб… Да, тој е шпион, нивни агент, нивни човек. Инаку никако не би дозволил ваква ситуација“, рече Харадинај.
На денешната собраниска седница опозициските пратеници упатија остри критики на сметка на Владата поради проблемите со снабдување со храна за припадниците на ФСК, кои настапија поради, како што се тврди, пропусти во тендерските процедури. Тие побараа оставка на министерот за одбрана, Ејуп Маќедонци и на другите надлежни функционери во Министерството и Владата.
Пратениците на владејачката партија на премиерот Курти, Движење самоопределување, ја бојкотираат седницата, за која тврдат дека опозицијата ја свикала за политичко-маркетиншки цели.